Паѓа рејтингот на банките во Грција
Меѓународната агенција „Мудис“ го намали рејтингот на главните грчки банки поради сомневањата за способноста на Атина да го поддржи банкарскиот систем. „Мудис“ претходно веќе го намали кредитниот рејтинг на Грција за четири степени, кој од А-3, стигна на нивото Ба1, со што земјата стигна до ниво, во кое се сместени категориите на ризик од неисплаќање на државниот долг.
„Оценката Ба1 ги одразува ризиците поврзани со планот за спас изготвен од земјите од еврозоната и од Меѓународниот монетарен фонд“, се наведува во соопштението на „Мудис“.
Во меѓувреме, Европската централна банка најави дополнителен казнен данок од пет проценти на грчките држави обврзници кога банките ги користат како гаранција за кредитните операции со ЕЦБ.
Дополнителниот данок подразбира дека трговските банки ќе добиваат помалку пари во замена за грчките обврзници, отколку што добиваат доколку како гаранција предложат државни обврзници на други земји од еврозоната.
Лошата економска ситуација предизвика нов бран протести и штрајкови во Грција, пишуваат грчките медиуми по повод повикот на двата најголеми синдиката во земјата - Генералната конфедерација на трудот (ГСЕЕ) и Федерацијата на државни службеници (АДЕДИ) за протестен митинг поради мерките на Владата во социјалната сфера. (МИА)
|