16.06.2010, 18:37 И Сојузот на борците во ГЕМ
Тодор Атанасовски, Скопје
Деновиве Здружението на граѓани за европска Македонија (ГЕМ) го стори вистинското и во вистинско време. Осмисли едноставна, разбирлива и над се', корисна декларација за Македонија и обединети 16 субјекти, партии од нашата сцена, и го покажа вистинскиот пат по кој треба да одиме кон поубавата иднина. Моето воодушевување е дотолку поголемо, бидејќи обединувањето е иницирано од невладиниот сектор. Не од владиниот невладин, ниту од партизирани невладини, туку од вистинскиот невладин сектор каде што почнуваат да се збираат најпрогресивните во земјата во овој миг. Затоа и велам, браво ГЕМ.
§ припаѓам на невладината и непартиска организација - Сојуз на борците од Народноослободителната војна и Антифашистичката борба, која, сигурен сум, безрезервно и искрено ќе ги поддржи иницијативите на ГЕМ и на слични здруженија и организации во нашето општество. Меѓутоа, иницијативата во овој миг е толку значајна што почувствував потреба и лично да ја поддржам и да ја поздравам, иако сум сигурен дека оваа моја поддршка нема позначајна тежина како осамен и индивидуален однос и глас. Ако, пак, и други како мене почувствуваат потреба да и' искажат поддршка на оваа благородна и прогресивна иницијатива, верувам ќе надвладее разумот во нашата држава.
На граѓаните во Македонија сакам и лично да им посведочам дека нема вистинска опасност македонската нација да ја загуби својата посебност и да биде загрозен нашиот идентитет. Корпусот владејачки формации во овој миг од некои мистериозни причини ја форсира оваа закана плашејќи го народот. Четири години во услови на Втората светска војна и во рамките на глобалниот Антифашистички фронт на народот на (и во) Македонија се бореше јасно и отворено под името Македонија, за национална слобода на македонскиот народ и за сопствена држава, која и беше промовирана и обнародена на Илинден 1944 - во огнот на големата војна. Таа никому не му пречеше, освен на фашистичките анектори и окупатори. Ние што ја имавме привилегијата на судбината да учествуваме во таа борба сме сведоци дека етапата 1941-1945 година не беше само вооружена борба, туку еден од најсериозните и најрезултантните преродбенички периоди во историјата на овој народ. Ние се' уште сме живи сведоци дека тогаш во нашата борба се здобивме со името, овој народ се возвиши како именител на АСНОМ-ската (ни) држава.
Ние сега се подготвуваме да се асоцираме со Алијансата и со нова Европа. Тогаш, де факто, бевме и во изворната антифашистичка коалиција и во најширокиот антифашистички фронт на прогресивните сили. Уште поконкретно, дури и како завојувана антифашистичка држава, Македонија оперативно, во рамките на европското војувалиште, беше во зоната на атланскиот дел од антифашистичката коалиција. Со нас беа и нивните военодипломатски претставништва и мисии. Единствен лимит произлезе од Техеранската и од Конференцијата во Јалта на големите - непризнавање на делбите и границите што ги создадоа фашистичките агресори и враќање на светот во границите од пред фашистичката агресија и војна.
Овој лимит го услови создавањето на македонската држава во денешните простори (територијални) рамки. Колку и да е неправедно, гледано од позиција на нашите идеали и стремежи, и ако сакаме да бидеме реални, всушност, ако не беше тој лимит - неменување на границите ,војната во регионот ќе траеше до ден денешен, а какви ќе беа импликациите за Македонија, само можеме да претпоставуваме.
А спроти оваа прекрасна иницијатива на ГЕМ, која отвора излезност од наводната ретроградна одбрана на Македонија, на името и на идентитетот по цена на руинирање и на нацијата и на државата, доживуваме ново замаглување што објективно ја свртува водата во јазот на нашите актуелни и ригидни владејачки национализми што упорно ја држат земјата пред вратите на ЕУ и на НАТО, се разбира, и на бришан простор. Наместо да се поддржи иницијативата и Декларацијата на ГЕМ во форма на божемна научна расправа „тоталитарното“ во македонската политика, самобендисано се умува, се парадира и се п��викува на салонски дебати. Во мигот кога на земјата и' е најпотребно да се одблокира и да зачекори кон излезот (Ивица Боцевски, „Тоталното во македонската политика“, „Дневник“).
Да не беа спомнати „партизанската и АСНОМ-ската традиција“, може и не ќе реагирав на ваков начин на ова писание. Во целата оваа работа може да се наѕре една бизарна група интелектуални нарциси што непрекинато му продаваат на народот висока ученост, а, всушност, не си ја познаваат ни најблиската историја на својот народ. „Партизанската и АСНОМ-ската традиција“ не се и не можат да бидат сведени на некакво „претполитичко движење“. Четирите години на НО и на АФ се, всушност, како четиристолетна преродбеничка фаза. Тогаш, млади господа - селонски интелектуалци што не можете да се одлепите од своите огледала, овој народ - сите заедно дома - „и христијани и муслимани“, беше и се искажа како најкосмополитски народ. Уште тогаш (1941-45) тој ги заслужи интеграциите кон кои денеска се стреми.
Партизанската и АСНОМ-ска традиција не може да биде ничија во тесно-партиска смисла дури ни наша, боречка приватност. Таа е над тоа и над таквиот нихилизам и прикриено самоискоренување. Божем се критикуваат владејачките формации, се најавува академска критичка анализа, а веднаш потоа се паѓа на ниво на ниски меѓупартиски кавги и пресметки, во мигот кога една граѓанска иницијатива се залага дури и вас да ве извлече од глибот. Тоа премногу смрди на намерно замаглување што би го свртело вниманието од главното кон ситно партискиот шиќарлук. Уште еднаш браво за ГЕМ и за неговата придружба, сега не веќе од 54 здруженија и фондации, туку од 55, со нас борците од НОАВМ и граѓаните -продолжувачи. |