Бесплатни помагала за хендикепираните
Медицинските помагала за телесно инвалидизираните лица кои имаат проблем со неконтролирано мокрење ќе бидат бесплатни. Фондот за здравствено осигурување ја усвои иницијативата на Сојузот на телесно инвалидизираните лица и донесе одлука да ги покрива средствата за инконтиненција, односно уринарните ќеси, кондоми и пелени, за кои досега инвалидизираните лица месечно трошеле од 3.000 до 5.000 денари. Осигурениците со оваа одлука месечно имаат право на десет парчиња уринарни ќеси, 30 парчиња уринарни кондоми, 90 парчиња пелени до 40 килограми и 90 парчиња пелени над 40 килограми. „Ова е голема придобивка за овие лица“, вели претседателот на Сојузот, Миодраг Игњатовиќ, зашто без овие помагала луѓето се снаоѓаат со импровизирани или никакви средства. Директорот на ФЗО, Георги Тренкоски вели дека ваквата одлука ќе важи за телесно инвалидизираните лица, особено за осигурениците со инконтиненција од неуроген тип (мозочен удар), параплегија, квадриплегија, мултиплекс склероза, церебрална парализа. Фондот годишно за овие средства ќе одвојува над 10 милиони денари. (Ј.Ј.) |