Поглед
Новогодишна еуфорија
Деспина Траjковска
Градоначалникот Ивица Коневски уште отсега го зафатила предновогодишна еуфорија. Бара фирма што ќе ги накити општинските улици со сијалички и со црева, за што планира да потроши 30.000 евра. На аеродромци не само што отсега ќе им обезбеди новогодишен амбиент за пречек на претстојната Нова година, туку ќе ја „��езервира“ и светлечка празнична еуфорија за 2012 и за 2013 година.
Набавка, која, дефинитивно, отвора дилеми за моментот на нејзиното распишување. Сега, во африканско Скопје сигурно никој не сонува за Нова година. По се' изгледа само Коневски е во тој филм. Тој на работите гледа на долгорочен план, додека негов��те колеги се справуваат со актуелните проблеми и потреби. Коце купува лежалки и палми за градска плажа, други градат рекреативни патеки, трети сервисираат фонтани, садат зеленило... Сето тоа во Аеродром е одамна сработено, единствено, за градска плажа аеродромци ќе почекаат до година.
Се' на се', ситуација во која општинарите оправдано имаат одврзани раце да ги планираат и да располагаат со парите во секој момент за што и да посакаат. Коневски ја води својата, како што милува да каже, „држава-град“ Аеродром, која е максимално урбанизирана, па купувањето новогодишни украси среде лето за него и не е чудно. Глава не го боли од проблеми во руралните средини, оти такви во Аеродром воопшто не постојат. Тој сега размислува за „шминка“, и тоа новогодишна. Можеби навистина поевтино ќе помине ако сега ги купи сијаличките и светлечките црева.
Станува ли Коневски пример за домаќинлак што треба да го следат неговите колеги, тие, но и граѓаните, сами ќе проценат. Состојбите во нивните општини им го диктираат ритамот на работа. Во Аеродром се' има, па се' се може. Или...?! |