Рајс: Ќе има одговор на руската инвазија во Грузија

ВАШИНГТОН - Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вчера се упати кон Европа за да разговара со сојузниците на НАТО во врска со пораката што Западот треба да и' ја испрати на Русија по нејзината инвазија врз Грузија. „Тоа нема да се остави без одговор“, изјави таа. „Русија ќе ја плати цената“. Но, ниту Рајс ниту секретарот за одбрана, Роберт Гејтс, не прецизираа какви казнени мерки би можеле да преземат САД или меѓународната заедница. „Нема потреба од избрзана одлука. Ние не сакаме тоа унилатерално да го направиме “, изјави Гејтс во неделата.
Белата куќа не сака да ги влоши постојните односи со Русија или пак да ја обесхрабри својата влада од понатамошно интегрирање во глобалните економски и политички институции. Во исто време, американски официјални лица изјавија дека на Русија не смее да и' се дозволи да помине неказнето по инвазијата врз соседот. „Мислам дека постои потреба од силен, обединет одговор кон Русија, за да се испрати порака дека за вакво однесување, карактеристично за советскиот период, нема место во 21 век“, изјави Гејтс.
Борбите се разгореа откако Грузија на 7 август почна со жестоко гранатирање, во обид да ја преземе контролата врз сепаратистичкиот регион Јужна Осетија, кој е под големо влијание на Русија. Руската армија за кратко време ја порази грузиската војска, потоа длабоко навлезе во територијата на земјата, гранатираше грузиски пристаништа и воени инсталации и го сопре сообраќајот на коридорот Исток-Запад кој минува низ државата.
„Њујорк тајмс“, цитирајќи анонимни американски официјални лица кои биле запознати со разузнавачките извештаи, во неделата објави дека руската армија во петокот префрлила системи за лансирање проектили во Јужна Осетија. Американски официјални лица за „Тајмс“ изјавија дека Русија распоредила неколку системи од типот „СС-21“ на позициите северно од Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија. Со тоа проектилите ќе го имаат во својот дострел и Тбилиси, главниот град на Грузија. „Нема сомнежи дека ќе има далекусежни последици“, изјави Рајс, која за време на винкендот го брифираше американскиот претседател Буш за кризата во која работите брзо се менуваат, на неговиот ранч во Крафорд, Тексас.
Средбите на Рајс со францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, и високиот комесар на ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана, ќе се одржат во Полска. Потоа таа заминува за Варшава, Полска, каде што и официјално ќе биде потпишан договорот за поставување пресретнувачи на ракети на територијата на таа земја. Москва протестираше во врска со американските планови за отворање таква база во близина на нејзината граница. (АП)
|