Во ватерполо четврт-финалето Црна Гора против Хрватска

Последното коло донесе неочекуван пораз на Србија од 13:12 од Италија
Европскиот првак Црна Гора ќе игра со светскиот шампион Хрватска, а Шпанија ќе се сретне со освојувачот на Светската лига, Србија, во утрешното четврт-финале на олимпискиот турнир во ватерполо. Унгарија од групата А и САД од групата Б ќе го чекаат расплетот од овие два дуела, од кои ќе ги добијат своите противници во полуфиналето.
Ова е епилогот од драматичната завршница на натпреварите по групи, во која се случија неколку големи изненадувања. Србите, на пример, неочекувано загубија од Италија со 13:12 (3:3, 2:3, 3:5, 4:2) и завршија на третото место во Б-групата. Алесандро Калчатера со три гола беше најефикасен играч кај „аѕурите“, колку што постигна и Александар Шапиќ за поразениот тим.
Најконтроверзен расплет донесе дуелот во кој Американците славеа со минимални 8:7 (3:2, 2:1, 2:2, 1:2) против Германија, која со победа ќе беше трета. И покрај катастрофалниот ден на нивниот прв стрелец Тони Азеведо, кој не постигна ниту еден погодок, САД во финишот влегоа со водство од 8:6, но Германците прво намалија, а на половина минута до крајот и израмнија, но словенечкиот судија го поништо голот за кој подоцна ќе се утврди дека бил сосем регуларен. Отпрвин се мислеше дека германскиот ватерполист шутирал внатре од петте метри по прекршокот, што не е дозволено, но изгледа дека судијата досудил - одолговлекување. Тоа во ватерполото не се досудува речиси никогаш, а и повторената снимка покажа дека одолжување немаше.
На Црногорците по сензационалниот пораз од Шпанците им вршеше работа се' освен да загубат и од Австралија, која, пак, само победа ја водеше во борбата за медалите. Натпреварот заврши нерешено 5:5 (2:1, 1:2, 0:1, 2:1), иако „кенгурите“ во последниот напад имаа играч повеќе, но не го искористија.
Шпанија, која на неодамнешното Европско првенство во Малага го освои само седмото место по победата во директниот дуел со дебитантот Македонија, лесно ја совлада Грција со 10:6 (2:0, 3:0, 3:5, 2:1), иако ни со победа не можеше да се помрдне од второто место во А-групата. Брилијантен во редовите на „црвената фурија“ беше Фелипе Пероне со седум гола од осум удари. |