Почина актерот Беким Фехмиу

Фехмиу имаше југословенска и меѓународна кариера, а најмногу го паметиме како Бора во „Собирачи на пердуви“ и како Жарко во „Специјално воспитување“
Сунчица Уневска
Познатиот југословенски актер Беким Фехмиу (1936 - 2010) на 15 јуни беше пронајден мртов во својот дом во Белград. Покрај него бил најден неговиот пиштол и се претпоставува дека овој голем актер, кој оств��ри плодна југословенска, но и интересна меѓународна кариера, се самоубил. Ова предизвика шок во Србија, а и пошироко, особено меѓу неговите колеги и соработници, кои, иако Фехмиу веќе 20 години беше повлечен од јавниот живот, сепак, не можат да веруваат во таквиот негов крај. Режисерот Горан Марковиќ, со кого Фехмиу го снимаше „Специјално воспитување“, изјави дека тој беше, пред се', голем човек и голем актер, додавајќи дека беше силен човек што се бореше и кој не би се предал тукутака.
Дали станува збор за самоубиство ќе се знае набрзо, но она што е најважно во овој момент е да се навратиме и да се потсетиме, како што вели Марковиќ, на она што Фехмиу или познатиот Бора од култниот филм „Собирачи на пердуви“, го остави зад себе како актер и како човек. Беким Фехмиу е роден на 1 јуни во Сараево, во албанско семејство. Неговата кариера и живот во тогашна Југославија беа сосема поинакви од она што ќе се случува подоцна. Веројатно, токму поради тоа, кога подоцна ќе се случат сите проблеми во време на распаѓањето на Југославија, тоа ќе биде и причината тој да престане да глуми и да се повлече од јавниот живот.

Инаку, овој маркантен актер беше на врвот на својата кариера во 60-тите и во 70-тите години. Многу брзо беше препознаен неговиот талент и уште за време на студиите на белградската Академија за филм и театар, тој почна да игра епизодни улоги на филм и во Југословенско драмско позориште. Веднаш по завршување на студиите Фехмиу стана член на Југословенско драмско се' до 1967 година, каде што одигра 40 претстави, но даде отказ затоа што бил незадоволен од третманот.
Напоредно Фехмиу ја градеше и својата филмска кариера. Поголема улога доби веќе во 1962 година во филмот на Раденко Остоиќ - „Саша“. Во 1964 година играше во Македонија во делото на Љубиша Георгиевски „Под исто небо“, а поголемата епизодна улога како Халил-бег во филмот „Рој“ на Миодраг Поповиќ во 1966 година му ја донесе првата „Златна арена“ во Пула. Во текот на 1966 година и 1967 година доби уште две награди, како работникот што се бунтува во филмот „Протест“ на Фадил Хаџиќ, за кој доби „Сребрена арена“ во Пула, а врвот го достигна веќе следната година во филмот на Александар Петровиќ „Собирачи на пердуви“. Незаборавен беше ликот на неговиот Ром, белиот Бора, кој не само што му ја донесе втората „Златна арена“, туку оствари и голем успех на тогашниот Кански фестивал. „Собирачи на пердуви“ ги освои во Кан наградата на критиката „Фипресци“ и Гран-прито на жирито, а за Фехмиу сето тоа беше отскочна штица од каде што почна и неговата завидна меѓународна кариера.
По Кан, Фехмиу потпиша договор со познатиот италијански продуцент Дино де Лаурентис и веќе првиот ангажман беше амбициозниот филм „Одисеј“ на Франко Роси, во кој тој ја игра улогата на Одисеј, а Ирена Папас е неговата Пенелопа. Во 1969 година тој беше ангажиран за големиот спектакл „Авантуристи“ на Луис Гилберт, направен по делото на Харолд Робинс, каде што Фехмиу игра плејбој (со алузии на познатиот Порфирио Рубироза). Во овој филм партнери на Фехмиу му беа: Кендис Берген, Оливија де Хевиленд, Шарл Азнавур, Ернест Борнин. Но, и покрај сите звучни имиња овој филм доживеа финансиско фијаско, иако Фехмиу продолжи да игра покрај Дирк Богард, Ава Гарднер, Клаудија Кардинале и со режисери како Џон Хјустон или Џон Франкенхајмер. Велат дека не му било проблем да игра на многу различни јазици, и тоа на: албански, ромски, македонски, шпански, француски, италијански, англиски. Најмногу работеше во Италија, но снимањата го одведоа и во Јужна Америка, во Африка, Азија и во САД.
Во тогашна Југославија, покрај неговата улога во „Собирачи на пердуви“, најмногу се памети и како воспитувачот Жарко во филмот „Специјално воспитување“ на Горан Марковиќ. Интересно е дека, како што раскажува Марковиќ, кој тогаш бил на почетокот, Фехмиу кој бил голема ѕвезда прифатил да игра во овој филм без пари. Се' на се', Фехмиу одигра педесет улоги, но во 1987 година изјави дека се откажува од актерството, бидејќи не може да се чувствува како човек и како Албанец.
Велат дека во тоа време бил разочаран поради политичкото прогонство на татко му и дедо му и поради противалбанската пропаганда. Неговиот син Уликс изјави дека бил разочаран од се' што се случи со Југославија и оти не можел тоа да го прифати. „Мојот татко се откажа од зборовите, кои за актерот се најсилно и најубаво средство. Тој се откажа од нив и ги претвори во молчење“, рече тој. До крајот не се приклонил кон никого, како што изјави Велимир Бата Живоиновиќ, кој смета дека ова што се случи со Фехмиу е политичко самоубиство.
Но, на крај, сепак, да ги повториме зборовите на Марковиќ, кој рече дека Фехмиу за него секогаш бил спона на разбирање меѓу Србите и Албанците и оти во овој момент е најважно да го паметиме како голем актер и голем човек. Многумина го сметаа Фехмиу за најдобар актер на својата генерација, а тој уживаше во актерската работа велејќи дека низ неа може да го изрази она што е скриено најдлабоко во него. За жал, не беше ни тоа доволно. Беким Фехмиу замина, а последнава деценија ги објави своите мемоари „Сјајно и страшно“ во кои се навраќа на својот живот и работа. Бидејќи, како што рековме, тоа останува зад човекот и по тоа треба да се памети. |