Винарството во Македонија се развива побрзо од лозарството

На лозарството му треба преструктурирање, вели Звонимир Божиновиќ од Земјоделскиот факултет во Скопје Драгољуб Марковски
Зачестените признанија за македонските вина на реномирани меѓународни саеми, првенствено во Европа, сугерираат дека се надминати забелешките дека Македонија има одлична суровина и не така добро вино. Практиката во светот одамна покажува дека големото производство на вино по правило е следено со неговата висока потрошувачка, како негов столб и двигател. Таков е и случајот со најголемите европски производители - Франција, Шпанија и Италија. Македонија беше спротивен пример: во 1980 година таа имаше најголемо производство на вино во Југославија - 91,5 литри на жител (Хрватска 58,6 литри, Словенија 41,5 литри). Меѓутоа, со потрошувачката во истата година од 3,9 литри вино на жител, Македонија беше меѓу последните. Како стојат работите денес?
„Во периодот 2003 - 2007 година имавме високо производство на вино. Лани беа произведени 1,2 милиона хектолитри. Во споредба со потрошувачката од пред близу триесет години, таа е зголемена на 8,1 литри на жител, но се' уште е незадоволителна. Наша цел треба да биде 20 литри вино на жител, но истовремено треба да се стремиме кон европскиот просек - 35 литри на жител. Како особено значителна во потрошувачката би ја истакнал високата застапеност на домашните вина“, вели професорот Звонимир Божиновиќ, раководител на Катедрата за лозарство, винарство и храна при Земјоделскиот факултет во Скопје, ценет меѓународен дегустатор на вина и стручен советник на повеќе винарски визби.
Како спомен на волунтаризмот во лозарството и винарството пред многу години, се' уште живее единствената приказна за расчекор помеѓу производството на грозје и можностите за неговото претворање во вино. Затоа откупуваното грозје на индивидуалните производители еднаш се „истовари“ во олимписки базен во Кавадарци. Оттаму и дилемата, може ли такво нешто да се повтори во денешно време?
„Не може“, смета професорот Божиновиќ. Тој објаснува дека винарските визби сега се во приватна сопственост. Стопанисувањето кај нив не е, како некогаш, оптоварено со решавање на социјални проблеми. „Освен тоа, големите визби во Македонија се' помалку ќе откупуваат грозје, бидејќи се определени за производство на се' поквалитетни вина, и нивното чување повеќе години. Во винарските се напуштаат бетонските и застаклените садови, како неквалитетни за чување вино. Вкупните капацитети поради тоа се намалуваат. Видлива е определеноста за формулата: квалитетна суровина, квалитетна преработка, квалитетно чување на виното и негов соодветен пласман.
Од друга страна, за македонското винарство, според Божиновиќ, е многу штетна таканаречената слатка програма, бидејќи ��ените на вината од оваа програма се претерано ниски, па визбите работат со загуба. „Затоа ме радува што слатката програма ја напуштаат ’Тиквеш‘, ’Сковин‘, ’Имако вино‘, ’Езимит‘, ’Визба Валандово‘ и други винарски визби“, вели тој.
Во врска со денешното ниво на лозарството и на винарството, како и за квалитетот на македонските вина, професорот Божиновиќ вели дека во последниве пет години винарството во земјава побргу се развиваше од лозарството. „Тоа е јасно согледано, па на лозарството му е неопходно преструктурирање. Такво кое ќе го почитува фактот дека суровината е доминантен фактор во производство на квалитетно вино“, вели професорот Божиновиќ. Тој сугерира преструктурирањето да се одвива во правец на избор на квалитетни локации за подигање лозови насади, примена на современи системи за одгледување и избор на сорти, односно нивните клонови.
Како последица на глобализацијата, во поново време имаме и таканаречено глобално вино. Станува збор за производство на огромни количества вино, со најсовремена технологија и правење марка (бренд) на вино. Наспроти глобалното вино, во Франција и Италија најмногу го има виното наречено теруар (од француски terroir). Ова вино има „печат“ не само на почвата, туку и на други особености, како што е положбата на лозјето, надморската височина, климата итн. Оттаму, се поставува и прашањето, во случај глобалистите, каква што е на пример компанијата „Мондави“, да посакаат да влезат во земјава, дали е тоа шанса за лозарството и винарството кај нас, или е тоа закана за идентитетот на македонските вина?
„Би рекол да е тоа ’неостварлива шанса‘. Затоа што Македонија има многу различни теренски, климатски и микроуслови. Тоа би било неприфатливо за глобалистите. За нив се интересни за нас не сфатливо големите површини, кои Македонија едноставно ги нема“, категоричен е Божиновиќ. Според него, цената на вината во малопродажбата, главно, е соодветна на нивниот квалитет, како кај нас, така и на светско ниво. Тој, исто така, смета дека расте свеста кај граѓаните за виното, за неговите карактеристики, начинот на употреба, пиење, „дружење“ со храна, односно согласување на храната со виното. Расте бројот на познавачите на вино, а со тоа и потрошувачката оди нагоре, особено на поквалитетните вина.
Тука, вели професорот Божиновиќ, медиумите, повеќе од досега, треба да преземат дел од активностите за популаризација на виното - како храна, па и како лек во извесна смисла.
Имено, со откривањето на полифенолот, идентификуван пред десетина години како ресвератрол, во светот стануваат се' попопуларни црвените вина, бидејќи токму во нив го има овој полифенол. Со него се поврзуваат „најниските“ кардиоваскуларни заболувања кај Французите, иако тие се должат на „пакетот“ наречен француски парадокс (здрав живот, здрава храна, релаксираност во слободните часови и црвено вино).
|