Европа - Балкан
Зошто Белград молчи?
Иван Торов
Војната во Грузија ја релативизира, дури и обрезвреди руската поддршка на Србија околу Косово. Затоа во Белград се молчи за неа
БЕЛГРАД - Српската официјална државна политика одвај и ја „забележа“ краткотрајната војна во Грузија. Но, не поради годишните одмори на нејзините водечки протагонисти, како што би се заклучило на прв поглед, туку исклучиво затоа што Белград едноставно не знае како да се определи спрема конфликтот кој деновиве чесно ги разниша односите на Русија и Запад. Прифатена е тактиката на молчење според принципот што и да кажеш, би можел да се покаеш. Изостана дури и уверливата реакција на „пораката“ од Москва дека Србија во изминатите години извезувала „калашникови“ во Грузија.
Иако, помалку или повеќе, во експертските и медиумските коментари, навистина, срамежливо се лансира тезата дека, ете, „нелегалното самопрогласување на косовската независност“ веќе почна да се шири како вирус на другите невралгични подрачја во светот, многу се свесни дека паралелите меѓу Косово и Јужна Осетија и Абхазија или се пренапрегнати или не толку втемелени на реални факти. Дотолку повеќе што судирот на Тбилиси со „своите сепаратисти“ почна уште во 1992 година, значи повеќе години пред што се распламте „бунтот на косовските Албанци“.
Навистина, лесно е да се забележат некои сличности, но тие ни малку не им годат на ушите на српските политичари. Колку поради совпаѓањето (мотивот) на грузискиот претседател Саакашвили со „блиц-криг“ да го скрши отцепувањето на Јужна Осетија со одлуката на Слободан Милошевиќ во 1998/99 со сила да го дисциплинира Косово, толку и поради фактот дека воената интервенција на Русија на територијата на друга суверена држава во многу ја релативизира, па и обезвредни „принципиелната поддршка“ на Москва на Белград кога станува збор за Косово.
Разбудената „руска мечка“, форсирајќи ја (воено)некогашната доктрина на Брежнев на „ограничен суверенитет“, преполувајќи ја, макар привремено, дури и само превентивно, територијата на Грузија, всушност ја легализира интервенцијата на НАТО во пролетта 1999 на Косово и на Србија (бомбардирање) и, посредно, испрати „пресудна“ порака: Косово е „европско прашање“, но и Грузија, односно сепаратизмот на Јужна Осетија и Абхазија исклучиво е „во руската сфера на интересирање“. Така се потврди на дело - грубо, агресивно, со големи разорувања и многу жртви, и процените дека руско-западните односи радикално се влошија - старата теза дека Москва (и кога е во прашање Србија, односно Косово) се грижи исклучиво за своите (обновени империјални?) интереси. А тие не се однесуваат толку на „заштитата на загрозените“ Осетијци и Абхазијци, колку за обезбедување стратегиска контрола над касписко подрачје богато со нафта и гас.
Во таквиот амбиент Белград процени дека би му било покорисно да ја гледа „својата работа“, да молчи и да чека големите сили да го „решат тој проблем“. Да се застане со Грузија во „одбрана на државниот суверенитет“ би значело губење на руската поддршка околу Косово, да се построи отворено со Москва, повторно, веројатно би било крај на евроинтеграциските амбиции.
Деновиве единствено Српската радикална партија и ултранационалистичките групации, кои се' уште секојдневно „маршираат“ по белградските улици во знак на протест поради апсењето на Радован Караџиќ, манифестираат задоволство поради руската интервенција и го повикуваат Путин „славната 58. армија да ја испрати во Србија и засекогаш да го реши косовското прашање“. Меѓутоа, тоа малку кого овде импресионира. Белград го „премолче“ конфликтот во и околу Грузија најпрвин да не се замери со никого, а потоа сите свои потенцијали да ги насочи на обидот, преку септемвриската сесија на Генералното собрание на ОН, да дојде до Меѓународниот суд на правдата во Хаг (истиот оној што ја осуди Србија поради кршењето на Конвенцијата за геноцид во Сребреница) за да издејствува поволен, навистина, советодавен, необврзувачки став дека косовската независност била „нелегална, спротивна на меѓународното право“.
Поведена е кампања за која експертите и поискусните дипломати велат дека, во својот краен резултат, би можела на Белград (во случај на позитивен исход) да му даде барем морална сатисфакција дека бил во право, но цената која би морала да се плати поради тоа би била повеќекратно поголема и понеповолна. Пред се', поради најновото, би се рекло, сеење илузии: дека со тоа, како што вели министерот Вук Јеремиќ би се сопрел натамошниот процес на признавање на Косово (што не е претерано уверливо), потоа и поради „неговите“ оптимистички процени дека „поволниот став“ на хашките судии би ги вратил косовските Албанци на преговарачката маса и со Белград би побарале „некое друго, обострано поприфатливо статусно решение“ (што, според најавите од Приштина, апсолутно е исклучено).
Меѓутоа, многу посигурно изгледаат мислењата дека со овој потег српскиот државен врв, всушност, и' се обраќа на домашната јавност за да ја увери дека не се откажува од Косово, односно од „националната политика“ што ја водеше доскорешниот премиер Воислав Коштуница.
Значи, свртување ќе нема, комуникации со косовските институции на власта уште помалку, а со меморандумот за „замена“ на УНМИК со мисијата ЕУЛЕКС веќе создава прилична нервоза во српските политички кругови. Во тој контекст обраќањето до Њујорк, преку него и до Хаг, се смета за многу ризично. Дури и ако евентуалниот став на меѓународните судии биде и најповолен за Србија, тој нема да промени ништо суштинско околу иднината и статусот на Косово, но затоа ќе ги стави на коцка проевропските амбиции на официјален Белград. Европската унија, преку Франција и Кушнер, веќе му стави до знаење на Борис Тадиќ дека таа форма на конфронтација со Брисел не е мудра, дека сосема сигурно ќе го отежне и искомплицира патот на Србија во Европа.
Бившиот министер за надворешни работи, Горан Свилановиќ, порачувајќи му на Тадиќ апсолутно да се сврти кон Брисел, предупреди дека „терањето инает“ со Европската унија би можело да ја доведе Србија во позиција да има проевропска влада која ќе води - антиевропска политика. |