Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска
Култура
19.10.2008, 16:27

„Созерцание“ примен со поддршка, но без еуфорија

Претпремиерата на чешко-македонскиот филм ги доби поддршката на власта и интересот на културната јавност

Сунчица Уневска



Новиот филм на Иво Трајков „Созерцание“ го имаше своето огнено крштавање во саботата, на 18 октомври, пред скопската публика. Настанот кој го организираа македонскиот продуцент „Кавал филм“ и македонскиот Филмски фонд беше навистина свечено одбележан и со голема возбуда од страна на членовите на чешко-македонската екипа кои беа присутни на проекцијата. Пред киното „Милениум“ беше поставен црвен килим и директорот на Филмскиот фонд Дејан Илиев и македонскиот продуцент Роберт Јазаџиски ги дочекуваа гостите. Својата поддршка на филмот му ја даде и актуелната власт односно премиерот Никола Груевски, кој неодамна и го назначи Иво Трајков за амбасадор на македонската култура во Чешка, како и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. А културната јавност беше неизбежна не само затоа што станува збор за „гламурозна“ претпремиера туку затоа што Иво Трајков има навистина особен опус зад себе, остварувања со поинаков сензибилитет, има одличен успех со „Големата вода“ и е докажан како филмски автор кој одлично го владее својот занает. Така што интересирањето сосем очекувано беше големо, но поради протоколот доста места останаа празни иако имаше многу фанови кои не можеа да дојдат до билети. Но, за жал така е на вакви настани и штета што е така.

Како и да е, филмот беше примен со поддршка, но не и со еуфорија. А тоа беше и реалната реакција бидејќи филмот е необичен и доста компликуван, полн со метафори и симболи, па бара и многу активно учество. „Созерцание“ нуди едно неочекувано патување, без дадени конфликти, без дадени ситуации, без драми и кулминации, едноставно, полека, со назнаки и внатрешни превирања кои не е секогаш лесно да се протолкуваат. „Созерцание“ е филм за Јосиф, за неговото искушение и болка кога ќе го напуштат сопругата и синот и кога ќе загуби работа, па нема да може никако да го најде повторно својот мир и својата целовитост.

Интересна е играта со ангелот и претскажувањето дека Јосиф треба да умре на 29 години. Приказната го нуди прашањето, но не и одговорот, дали судбината може да се измени? Колку во сето тоа има влијание ангелот и предодреденоста на судбината? Внатрешниот свет на Јосиф и неговите соништа се доста хаотични и на моменти застрашувачки, па гледачот се прашува што е вистината и дали таа е една и дадена. Филмот за Јосиф си игра со насловот, со зборот „созерцание“, збор стар, архаичен и полн со значење, збор кој ве наведува дека некаде длабоко во нас се крие вистината која не е секогаш лесно да се види, да се прифати, да се осознае. Англискиот наслов е „Без крилја“ и тој ја има својата извонредна симболика. Бидејќи крилјата се волјата и надежта, а Јосиф се наоѓа некаде помеѓу, некаде каде што не знае ни каде припаѓа за да знае каде оди. Третиот чешки наслов е „Опашката на гуштерот“, а тој наслов, како што беше објаснето на пресот, наведува на состојба кога човек е принуден да загуби дел од себе, кој колку и да се регенерира никогаш не може да биде ист. Можеби сите овие наслови ја кријат поубавата и подобро опишаната вистина од самиот филм. Бидејќи, нивната провокација е голема, а филмот како да се обидува неа да ја достигне.

Но, овде нема да правиме рецензија. Таа е резервирана за моментот кога ќе почне дистрибуцијата во Македонија. А патот на овој филм е одложен за 2009 година. Неговите автори и протагонисти силно веруваат во него. И тоа е добро. Факт е дека филмот е направен многу професионално. Снимателот Клаус Фуксјагер завршил голема работа, бидејќи сликата е извонредна. Исто и музиката на Зоран Маџиров, која провејува низ целиот филм и интересно го надополнува, а особено главната музичка тема „Until the end“ на Дуке Бојаџиев и Анџела Мекласки која е фасцинантна и се вклопува совршено. Павел Швехлик е одличен, а исто и нашата Верица Недеска, која се чини умее секогаш да се издвои без оглед на големината на улогата, па дури и без оглед на големината на филмот. Добар е и ангелот Габриел во сета своја предодреденост, предвидливост и неизбежност. „‘Созерцание’ е чешки филм со средноевропска душа“, рече Иво Трајков пред проекцијата. Приказната е универзална, таа се однесува на секого и иако чешки филмот нема никакви такви одредници. Одредниците се други, тие се човечки, животни, тие се реални и болни и бараат многу голем напор за во нив да се препознаете. Филмот е земен од животот и се обидува за него да говори. Колку успеал впрочем останува да видиме, бидејќи неговата битка допрва претстои.

 


Статијата е прочитана 1229 пати.

Испрати коментар



Македонија ќе ја нема на Саемот на книгата во Белград
Концерт на квартетот на Рон Картер
Изложба „Фејсбук“ во „Точка“
Црвениот килим на „Скопскиот џез“



mare, 20.10.2008 15:51:24
Cestitki do Ivo Trajkov i celata ekipa,filmot bese posebno umetnicki dobar i mu pozeluvam uspeh za ponatamu.
19.10.2008, 18:46

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

   


Site Meter


Време
Скопје, 12°C

Ведро

Четврток
Ведро
Макс: 22°C, Мин: 6°C

Петок
Сончево
Макс: 23°C, Мин: 6°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (35)
Дали Јованка била параноик. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Моќните луѓе во Белата куќа
Ако Барак Обама го победи Мит Ромни, ќе стане третиот претседател едноподруго кој освоил втор мандат...
Осудени зашто не предвиделе земјотрес!
Шестмина сеизмолози од Италија се прогласени за повеќекратно убиство во местото Аквила каде што во 2009 година загинаа 3...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска |