Семејството на загинатиот рудар ќе ги тужат газдите на „Злетово“

Извештајот за несреќата предаден кај истражен судија, не се знае дали ќе бидат поднесени пријави
Иван Бојаџиски
ШТИП - Државниот рударски инспектор Љупчо Трајковски вчера напладне му го предаде на истражниот судија Трајче Мишев својот извештај за несреќата во рудникот за олово и цинк „Злетово“. Судијата Мишев за „Утрински“ вели дека предметот ќе бил комплетен денеска.
„Разговарав со рудари, кои за време на несреќата биле во јамите , разговарав и со тешко повредениот рудар Драге Строиманов. Предметот ќе го испратам до Основното јавно обвинителство во Штип и до ОВР-Пробиштип, кои имаат ингеренции да одлучат дали и против кого ќе поднесат кривична пријава за несреќата во рударската јама“, вели Мишев.
Откако забележа дека дел од медиумите сосема погрешно известувале за несреќата што се случи пред девет дена, во време кога во јамите на „Злетово“ работела третата смена, државниот рударски инспектор не сакаше да биде дециден која, според неговиот наод, била причината за смртта на надзорникот Гоче Богатинов и повредата на рударот Драге Строиманов, иако сите индикации се дека рударите се затруле од отровниот гас „пијанка“, кој настанува како резултат на непроветрување на јамските простори во кои треба да се извршуваат рударски работи.
„Не може да стане збор за тоа дека централниот вентилационен систем не работел и дека поради тоа настанала трагедијата, бидејќи тој систем нема значење за проветрувањето на просториите во кои работел Строиманов, а чија работа ја контролирал надзорникот Богатинов. Просторот во кој работеле тие се проветрува сепаратно, со компримиран воздух, но јас немам ингеренции да кажам дали таков воздух бил обезбеден или не, зашто извештај поднесувам само до надлежните органи“, рече Трајковски.
Тој укажа дека ставил забрана за работа во јамските простории во кои се случи несреќата, а таа забрана ќе траела се' додека конечно не се заврши истрагата.
Според неофицијалните сознанија до кои дојдовме вчера, двајцата рудари критичниот ден на работа во трета смена дошле околу 22 часот,а околу 30 минути по полноќ се нашле на местото на кое требало да извршуваат рударски работи на ускоп висок дваесет метри. Рударот Строиманов започнал со работа, а надзорникот Богатинов заминал да ги исконтролира другите работници во јамата, што му била основна работна должност. Во еден момент, работејќи на горниот дел од ускопот, на висина од 20 метри, Строиманов одеднаш се струполил надолу. Паднал на земја, а во истиот миг, рударите, кои биле во негова близина, потрчале, го полиле со вода и брзо го извлекле од јама. Веста за падот на рударот со голема брзина проструила низ јамите, па повеќемина инженери и рудари се стрчале кон местото на несреќата за да помогнат. Со нив бил и надзорникот Богатинов, кој веднаш започнал да се качува по скалите на ускопот, но кога и тој дошол до врвот, се струполил и паднал на земја, но со многу потешки повреди од неговиот колега.
Поради таквиот расплет на настаните, нема стручњак во рудникот кој не потврдува дека издувните гасови од минирањето, кое се вршело без претходно да се обезбеди компримиран воздух, биле причина за трагедијата. Имено, гасовите кои биле полесни од воздухот се сконцентрирале во горниот дел и од нив настрадале рударите.
Јане, синот на тешко повредениот рудар Строиманов, вели дека семејството е многу разочарано од односот на сопствениците и раководството на рудникот.
„Од Скопје до дома го донесовме татко ми со такси, а нема кој да плати. Дома сега моите немаат ниту леб да јадат, никој од компанијата не не' посети, не праша што ни треба, како ќе купиме лекарства. Ангажиравме адвокат од Штип и ќе го тужиме раководството на рудникот“, вели Строиманов. |