Училиште без покрив, но, сепак, училиште

Во сиромашната провинција Нуристан умерениот развој ги запира талибанските борци
Трет од серијата три текста Рихард Кислер Дипломатски уредник на ВАЦ
КАЛА ГУШ - Хеликоптерот прави уште еден круг, потоа слетува на платото. Моравме да летаме ниско поради реткиот воздух во планините. На себе имаме заштитни елеци и црни шлемови кога го напуштавме стариот, но функционален хеликоптер, од руско производство „МИ-17“. Но, нема никаква опасност за нас во американскиот камп Кала Гуш. Две митралески гнезда и три набљудувачници во планините го обезбедуваат кампот со своите светли, без прозорци бараки и маслинесто-зелени шатори.
Се наоѓаме во Нуристан, една од најсиромашните и најретко населените провинции во Источен Авганистан. Тука, 130 км западно од границата со Пакистан, дојдовме да го видиме цивилниот дел од мисијата на ИСАФ, односно компонентата од доминантното воено ангажирање на коалицијата што ја сочинуваат 40 држави, која треба да донесе мир во завојуваната земја на Хинду Куш по налог на ОН. Со посредство на „интергиран приод“, како што се зборува со жаргонот во НАТО, воените операции против талибанските борци, наводно, треба да бидат проследени со помош во реконструкцијата. Меѓутоа, добронамерната и неопходна намера, како што ќе видиме, е многу недоволно финансирана.
Во голиот планински свет, американскиот командант Џорџ Перез од Пенсилванија предводи еден од 26-те национални провинциски тимови за реконструкција (ПРТ) на сојузниците. „Реконструкција“ е еуфемизам. Во оваа изолирана провинција недостасува речиси се', особено улици, училишта, вода и електрична енергија, па дури доволно храна за 130.000 главно Паштуни, претежно мали фармери со далеку премали обработливи површини за одгледување пченица и чување на скромен број на стока.
Перез (41), кој во ноември ќе се врати на обука на војници, „фрустрирано“ ја напушта својата позиција. „Тука има напредок“, признава тој, „но средствата што ги имаме се премалку“. Со други зборови: дури и ако Авганистан со тие две милијарди долари е најголемиот реципиент на цивилна помош од УСАИД, овој благослов не е доволен.
Сепак, „возачот“ на подморница и неговиот тим (82 војници, 12 цивилни советници и 14 преведувачи) постигнаа извонредни работи во последните девет месеци. Тој покажа дека дури и најумерените чекори во развојот може да ги потиснат бунтовниците. Но тоа, сепак, е помош за развој со оружје - и без демонстративно присуство на американски и авганистански војници, Талибанците ќе се вратат.
Во „хамви��� со боја на песок и оклопните возила „мрапс“ се движиме по патот од макадам, направен од ПРТ со 50.000 американски долари, кон долината Шингал, која се' досега беше изолирана. Веќе два месеца 1.500 луѓе во шестте села имаат пристап до надворешниот свет. Конвојот со оклопни возила застанува во Грогур. Околу него се собираат неколку срамежливи деца, полни со љубопиство. Тие се смеат кога не' гледаат како излегуваме од возилата во нашата војничка облека.
„Малик“ Шир Али (40) е најстариот во долината според неговите сопствени процени. (Авганистанец со животен век од 43 години станува „најстар“ меѓу неговите врсници.) Тој вели дека се' уште се потребни неколку часови за да се донесе вода во долината. И тој не' одведува до „училиштето“, поранешно руско командно место без покрив. Ова е местото каде што тие, како муџахедини, се бореле против странските окупатори. Сега, двајца наставници учат 140 деца, „момчињата наутро, а девојчињата попладне“, открива Малик, гледајќи во американскиот командант. Перез ветува дека ќе стори се' што е во негова моќ наскоро училиштето да добие покрив. Но, не е сигурно дали средствата ќе бидат одобрени во Вашингтон. Тие се ракуваа.
Подолу во долината, во Ловкар наидовме на плодни полиња со ориз и пченка. Американците таму градат скромна хидроелектрана покрај реката што ќе ги наводнува полињата и ќе ги снабдува селаните со електрична енергија. Осумдесет мали фармери ќе имаат корист од овој проект. Во Кала Гуш, веднаш до нивниот камп, американските хуманитарци изградија мал предавател и поделија 3.000 радија.
Едвај може да поверувате во ова: првпат околу 15.000 луѓе ќе слушаат радио на пашту јазик, програма што ја креираат тројца набрзина обучени авганистански новинари. Музиката ги задоволува вкусовите на домородното население. „Луѓето тука не ја сакаат американската музика“, рече еден од новинарите и се насмеа.
Мали, многу мали чекори. Тука странските војници се гаранти за безбедноста. Но, кога мнозинството Авганистанци ќе имаат безбедна животна средина се' уште е отворено прашање. Толку отворено што никој не сака да зборува за стратегијата за излегување од земјата. Барем не во штабот на ИСАФ. Нивниот гласноговорник, проверениот во борби канадски генерал Ричард Бланшет отсечно посочува: „Потребни ни се дополнителен број војници“.
|