Кина во солзи: поради повреда, се откажа Лиу Ксијанг

Олимпискиот победник од Атина на 110 м со пречки нема да биде во можност да го брани златото
Повеќе од 90.000 луѓе на стадионот „Птичјо гнездо“ беше во молк и со неверување гледаше во големиот семафор. Неколку секунди поминаа со големи воздишки и масовно напуштање на стадионот. Сите дојдоа поради него, а тој се откажа пред самиот старт. Лиу Ксијанг е еден од најпопуларните кинески спортисти. Двобојот против Кубанецот Дајрон Роблес, кој во јуни му го одзеде светскиот рекорд на 110 метри со пречки, во Пекинг се најавуваше како спектакл на Олимписките игри. Несреќниците кои не можеа да дојдат до билет за финалните натпреварувања побрзаа барем еднаш да го видат во живо. А, го гледаа само неколку секунди. Не успеа да стартува како што треба. Се фати за нога, го симна стартниот број и со тежок од се упати кон соблекувалната. Тешко дека Кина ќе доживее поголем шок од овој.
Гласиштата за здравствените проблеми олимпискиот првак го следеа низ целата година. Тие меѓу новинарите се проширија и утрото пред стартот на квалификациите. Се покажаа дека се точни. Кина ова емоционално тешко ќе го прими. Четири години ги вложуваа своите чувства во неговата победа. Се виде тоа и на итно свиканата прес-конференција. Тренерот на Лиу, Сун Хајпинг, неколку пати заплака.
„Проблемите со Ахиловата пета беа преголеми, како последица на хроничната повреда на ногата. Тројца наши лекари се обидуваа да го оспособат за старт“, објаснуваше Сун. Не успеаја, болката беше преголема. Тоа го потврди и главниот тренер на кинеските атлетичари, Фенг Шоујонг. „Нагласувам, Лиу Ксијанг се откажува единствено ако е болката неподнослива“.
Јавноста и државата му подарија митски статус, но тој не е Чак Норис и болката да се откаже од него.
|