Пензиската афера ја тресе Битола

Во случајот е вмешан матичар кој е боледување откако намирисал дека ревизорите му се влезени во трага
БИТОЛА - Аферата во Фондот за пензиско осигурување во Битола ги надмина општинските рамки и премина во рацете на Државното обвинителство. Мегаскандалот со злоупотребата на пензии, кога повеќе десетици битолски стечајци незаконски и предвреме се стекнале со право на пензии, веќе е предмет на работа на Одделението за гонење сторители од областа на организираниот криминал и корупција.
Дознаваме дека државниот обвинител Љупчо Шврговски ја презел целата документација од битолската полиција, бидејќи станува збор за организирана форма на криминал кој попримил масовни размери со голема тежина на злоупотреба на државните пари.
Истрагата во Битола, според наши извори, се води интензивно во последните два месеца. Управата на Фондот во Битола и полицијата се' уште не излегуваат со официјални информации.
Од Фондот за пензиско во Битола неофицијално велат дека злоупотребите со пензии се случувале повеќе од шест години. Се' почнало во 2001, а траело до 2005 и дел во 2006 година. Тоа била добро разработена шема во која, според досегашната ревизија, со пензии се стекнале повеќе од триесетина стечајци.
Тоа остава простор за сомневање дека со полициската истрага ќе бидат разоткриени над стотина случаи. По обелоденување на аферата пензиите се ставени во мирување. А првичната контрола на Фондот се совпаднала со истрагата на МВР за инвалидските пензии.
Според извори од Фондот, во целиот случај е вмешан еден од службениците матичари-евидентичари, кој откако ја намирисал работата дека ревизорите му се влезени во трага, веднаш отишол на боледување. Оттаму велат дека откако ќе се врател повторно на работа, најверојатно, ќе биде суспендиран. Полицијата во Битола и натаму молчи. Велат дека откривањето какви било информации од скандалот со пензиите може негативно да влијае на текот на истрагата.
Неофицијално се зборува дека мозок на пензиската афера бил извесен адвокат од Битола, кој порано работел во ЗИК „Пелагонија“, ОО „Кооперанти“ од Битола, фирма која сега веќе е пропадната, а се занимаваше со откуп на земјоделски производи и преработка на конзервирана храна. „Кооперанти“ речиси десетина години е под стечај, а повеќе од 350 поранешни вработени останале на улица.
Информациите говорат дека токму најголем дел од стечајците на „Кооперанти“ се корисници на спорните пензии, а адвокатот во своите бивши колеги нашол жртви за да заработи за себе, но и за извршителот од Фондот за пензиско. Се зборува дека аферата пукнала откако еден од поранешните вработени во оваа фирма увидел дека неговата пензија е многу помала од пензијата на колега со кого заедно се вработил и пензионирал. Тој отишол да ја провери работата и да се пожали во Фондот. Надлежните оттаму, проверувајќи ги двата случаја, ја откриле злоупотребата, што било повод за внатрешна контрола. По ова досега се откриени над триесет спорни случаи, а се претпоставува дека бројката е трикратно поголема.
Наводно, станува збор за над 120 случаи на фалсификување на работниот стаж до право на пензија кои правната помош ја побарале од посочениот адвокат. Добро упатени во целата оваа постапка велат дека злоупотребата е едноставна кога актерите во аферата вешто манипулираат со дупките во законот.
Наводно, пред да почне целата постапка, стечајците биле советувани од посредникот најпрво работната книшка да ја прогласат за изгубена и да ја заверат во „Службен весник“, за потоа во новоизвадената фалсификаторот да им го впише не само реалниот стаж туку и да им ги допише потребните години за пензионирање. Ваквите документи на стечаецот на кои стоеле печати од ликвидирани фирми уредно биле заверувани во книговодствената евиденција на Фондот од матичарот-евидентичар. Целата оваа постапка потенцијалните пензионери ги чинела од 1.000 до 1.500 евра.
Од оваа пензиска ујдурма се изненадени и битолските стечајци. Еден од нивните водачи, Азис Хоџа, вели дека на ваков потег најверојатно се определиле луѓе кои имале шанса да земаат високи пензии.
„Во оваа злоупотреба сигурно се вклучени поимотни луѓе кои ќе земаат високи пензии, а кои ќе може да го платат митото. Од каде стечаец од ’Фринко‘, ’Битола текс‘, ’Кожарница‘ ќе најде 1.500 евра за да плати мито. Тоа се 20-30 негови пензии. Тука се вклопува и новиот Закон на Владата на Груевски, кој придонесе право на пензија да стекнат и стечајци од фирми кои биле со дел од капитал на државата“, изјави Хоџа.
Инаку, дел од битолските пензионери кои овие години се стекнале со право на пензии се загрижени дека со ревизиите можеби ќе се најдат нерегуларности и во делот на нивното пензионирање. Тие бараат да се расветли целиот случај на злоупотреба и виновниците да се најдат на суд.
„Ова е голема афера. Вистината треба да излезе на виделина за точно да се знае кој бил привилегиран и на каков начин се стекнал со пензија“. Вака реагираат битолските пензионери на кои аферата вчера им беше главна тема за дискусија во нивното собиралиште во Градскиот парк. (А.Б.) |