Мислења
Како да се стане и остане државен службеник
Ана Павловска - Данева
Потребно е да се задржат сите државни службеници што ги исполнуваат условите и да се отстранат оние што залутале во државната администрација
Во светот постојат два система на државна служба – систем на работни места и систем на кариера. Во повеќето држави-членки на Европската унија (Франција, Германија, Австрија, Шпанија, Романија, Бугарија, Словенија, Словачка) преовладува системот на кариера, во други (Унгарија, Полска, Литванија, Чешка Република, Латвија) постои „мешовит“ систем, додека само во мал број држави (Естонија, Финска, Шведска) системот на државна служба е доминантно систем на работни места. Системот на државната служба во Република Македонија е систем на работни места, со некои елементи на систем на кариера. Кои се карактеристиките на двата система?
Во првиот систем вработувањето на службениците се врши за одредено работно место со дефинирање на конкретните услови потребни за секое работно место. Пополнувањето на работните места (на сите нивоа) се врши врз основа на конкурс. Претходното професионално искуство на вработениот (неговиот стаж) од другите работни места (и во јавниот и во приватниот сектор) се признава, а за унапредувањата не постои формален или дефиниран систем. Во овој систем не постои специјална законска шема за пензиските права. Со други зборови: најпрво, секое вработување во државната администрација се одвива врз основа на конкурс. Понатаму, и секое унапредување се врши врз основа на конкурс на кој можат да се пријави секој што го има бараниот степен на образование, како и бараното работно искуство, независно од фактот каде е тоа стекнато – во самиот орган на управа, во некој друг државен орган или, пак, надвор од системот на јавна администрација (на пример, во приватниот сектор).
Наспроти овие карактеристики, системот на кариера претпоставува доживотно вработување во државна служба во раната младост со перспектива за проследување кариера во јавната администрација. Понатаму, напредувањето е хиерархиско и се одвива низ неколку последователни фази, а условите за напредување се точно и прецизно утврдени во закон. Се претпоставува дека службениците ќе имаат серија различни работни места во текот на нивната кариера. Во овој систем постојат посебни квалификации за секое звање (како што се, на пример, работен стаж, посетени обуки, резултати од оценување, сертификати за знаења и вештини и слично) и дефинирање на горната старосна граница при вработување. Професионалниот стаж стекнат надвор од јавниот сектор не се пресметува при вработување или напредување, а зголемувањето на платата се врши автоматски со зголемување на возраста.
Ова се некои ��д основните карактеристики на двата система. Пред да го изложам своето мислење за тоа кој систем е посоодветен за Република Македонија, сакам да наведам неколку елементи од Мислењето на Комисијата за барањето на Република Македонија за членство во Европската унија и Одлуката на Советот на Европската унија за принципите, приоритетите и условите содржани во Европското партнерство со Република Македонија: „Целосно спроведување на Законот за државните службеници, деполитизација во вработувањето и напредокот во кариерата на државните службеници и другите лица во јавната администрација, како и воведување на системот на кариера заснован врз заслуги“.
Системот на работни места што функционира кај нас моментно се чини дека веќе е застарен. Практиката покажува целосно изигрување на неговите правила. Така, се случува државни службеници кои со години совесно, ажурно и ефикасно си ја вршат својата работа, а кои не подлегнале на разните политички притисоци, значи оние што се деполитизирани и непартизирани, да останат во исто звање, со иста плата и со исти надлежности можеби до крајот на својот работен век, бидејќи секоја можност да го пополнат испразнетото работно место од повисок ранг ја губат поради фактот што на конкурсите постојано се јавуваат „поподобни“ личности „однадвор“, кои немаат ниту еден ден работен стаж во државна служба. И обратно, огромен е бројот на унапредени државни службеници низ земјава за чие унапредување не бил распишан никаков конкурс или јавен оглас, туку унапредувањето го сторил надлежниот функционер (министер, директор) врз основа на свое слободно (незаконско) наоѓање.
Поради сето ова, системот на кариера се чини посоодветен. Младите луѓе ќе почнат да ја доживуваат државната служба како трајна професија. Напредувањето ќе им биде загарантирано на службениците што ќе ги исполнат сите законски пропишани услови. Конечно, на партиските војници ќе им биде оневозможено да им ги заземаат местата на професионалните, долгогодишни административци.
Сето ова беше во повеќе наврати изнесувано и потенцирано од нашата стручна јавност во текот на изминатите две години. Беа правени истражувања на оваа тема поткрепени со научна методологија, пишувани текстови, организирани јавни трибини. Никој не ги искористи резултатите и препораките од нив. Конечно, пред извесно време и странските експерти од СИГМА го кажаа својот став идентичен со ставот и укажувањата на домашните истражувачи. Е, дури по укажувањето на европските консултанти, Министерството за правда започна интензивна работа насочена кон измени на Законот за државните службеници и воведување на системот на кариера во државната служба.
Независно од тоа кој ги иницирал измените, кои експерти се ангажирани во нивната изработка, колку тоа ќе ги чини надлежните, навистина е битно да се направи добра законска основа за имплементација на системот на кариера врз основа на заслуги. Уште поважна од законската рамка е т.н. „подготовка на теренот“. Реално, системот на кариера, на некој начин, претставува „затворање на кругот“. Значи, новите кадри, кои ќе бидат најмлади по возраст и без работно искуство, ќе се примаат на јавен конкурс, но напредувањето во службата ќе се врши врз основа на објективни критериуми преку интерни конкурси, што значи системот се затвора, во него нема да влегуваат „луѓе однадвор“, без стаж и професионално искуство во администрација. Највисоките државни позиции и звања ќе им бидат достапни само на професионалните државни службеници со големо работно искуство и стаж. А, за да се случи тоа, потребно е „филтрирање“ на целата државна служба. Потребно е да се задржат сите државни службеници што ги исполнуваат условите да бидат таму каде што се, но истовремено да се отстранат т.н. случајни минувачи, оние што залутале во државната администрација, бидејќи ништо друго не им било понудено од партијата, или затоа што едноставно не знаат ништо друго да работат. Ни најмалку не е едноставно да се направи оваа селекција, напротив, ова е потешкиот дел од реформата, но објективни мерила, критериуми и начини за постапување има, потребни се само волја и знаење за нивна примена.
(Авторката е доцент на Правен факултет)
|