Брoj 2766  вторник, 19 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Контрапункт

Хипнотизам и бриканизација

Никола Гелевски

Дали низ случајот на Кина се оцртуваат контурите на еден нов капитализам со тоталитарно лице во времето кога Запад не покажува дека го разбира новиот свет

И Олимписките игри во Пекинг укажуваат на големите промени што се случуваат во светот, политички, економски, културни, спортски. Најпрвин, како увод во согледувањето на глобалните политички промени, едно терминолошко разјаснување: зборот „олимпијада“ не ги означува(л) самите Олимписки игри туку четиригодишниот период помеѓу двата најголеми спортски настана. Самите Олимписки игри во стара Грција, освен за натпреварите во борење, скокање, трчање, фрлање копје итн., биле и своевиден обид за склучување примирја меѓу завојуваните антички племиња.

Денес Авганистан, Ирак, Дарфур, Осетија, Мавританија, Сомалија... не можат да здивнат од борби и војни ниту за време на Олимписките игри. Дури се случи едновремено со почетокот на Игрите да започне една мошне знаковита „глокална“ војна помеѓу Русија и Грузија, војна која навестува нови глобални конфронтации, на трагата, но и отаде трагата на Студената војна за која мислевме дека заврши 1989 година.

Токму најновите воени судири и обидите тие да се решат покажуваат дека универзалната западна моќ се' повеќе се поткопува од очевидниот пораст на регионализмот. Во разрешувањето на скорешниот проблем во Мјанмар, на пример, главниот збор го водеа Индија и Кина заедно со земјите од АСЕАН. Проблемот во Зимбабве ги собра Јужна Африка, Русија и Кина.

Таквото престројување ги одразува и пошироките промени во светската економија. Последниве десетина години особено нагласено слабее економската моќ на старите Г-7 земји на сметка на големото јакнење на т.н. БРИК-економии (Бразил, Русија, Индија и Кина) придружени од се' поголем број земји во развој. Денес се случува „бриканизација“ на светската политика. Олимписките игри и воспоставувањето на Кина како светска велесила е само уште еден моќен симболички доказ дека привршува релативно краткиот историски период на американскиот унилатерализам.



Прашањето е каде светот го водат подемот на Кина и променетите политички околности? Дали, низ случајот на Кина, се оцртуваат контурите на еден нов капитализам со тоталитарно лице? Хулковски мускулест, ефикасен, економски забревтан, дури и културно налицкан и спастрен, дали е можно кинескиот капиталистички модел да стане глобално прифатлив? Рорти велеше дека капитализмот, што и да мислиме за него, како своја политичка форма долгорочно секогаш ја бара демократијата. Сега се отвора нова перспектива: капитализам кој не е демократски во политичка смисла, но е мошне ефикасен, дури и технолошки посупериорен во однос на досегашниот „западен“ модел.

Западниот, пак, капитализам ја доживува својата најголема криза последниве децении, низ трите големи потреси: финансискиот, енергетскиот и монетарниот. „Пазарот веќе не може да биде универзален одговор“, вели Мајкл Скапинкер, колумнистот на „Фајненшел тајмс“. Довербата почнува да ја губи и Јозеф Акерман, претседателот на Дојче банк, симболот на европскиот капитализам: „Веќе не верувам во моќта за самокорекција на пазарот“. Уште поостар е неговиот колега, Хорст Келер, бившиот генерален директор на ММФ и сегашен германски претседател: „Меѓународниот пазар се претвора во чудовиште коешто мора да го вратиме во неговата пештера“ („Штерн“, 15 мај).



Америка и ЕУ делуваат дезориентирано. Во својот неодамнешен текст во „Гардијан“, Мартин Жак вели: „Не смееме да ја потценуваме склоноста на политичките лидери погрешно да ја толкуваат историјата во големи размери. Либералниот интервеционизам не успеа, но Западот со ништо не покажува дека го разбира новиот свет, или дека е способен да живее во променетите околности. Наместо тоа, Западот и понатаму живее во порекнување, одбивајќи да го признае намалувањето на сопствениот авторитет. Како резултат на тоа, тој не е способен да се адаптира на новите околности и да настапи со инвентивни одговори. Условно речено, глобалната надворешна политика на Западот и понатаму се прпелка во минатото“.



Гледајќи ги Олимписките игри се чини дека барем една работа е јасна: национализмот и понатаму е клучното погонско гориво. Но, овој пат, покрај огромната емотивна енергија што ја мобилизира поистоветувањето со нацијата, нов е економскиот или едноставно корпоративниот момент: нацијата се сфаќа како бренд, нешто што психолошки хомогенизира и едновремено врти пари. Дали тука се примарни „националните чувства“ или вртењето пари – и не е толку битно. Битно е што и државите почнуваат да личат на компании со огромни маркетиншки пододдели. Видливост, посебност, врвност, ефикасност, одржливост, долгорочност..., сите клучни корпоративни мантри се селат на полето на националниот идентитет, на државните достигања, на регионалните поврзувања, на глокализмот сфатен како единствен начин да се преживее суровиот 21 век.

Македонија во 21 век влезе со заспана елита. Последниве две години со дополнителна помош на хипнозата се одржува состојбата на длабок сон. Многу малку знаеме за светот надвор од нашето дувло. И немаме соодветни агенди за преживување. Следствено на тоа, како што за 21 век немаме соодветни партии, фирми, институции, медиуми, економија, култура итн. – така немаме ни спорт. И проблемот не е во немањето (и оние што сега имаат, некогаш немале; се' се стекнува, се' треба да се изработи), проблемот е во лажните дијагнози, во самозалажувањето, во самобендисаноста и хипнозата.

(Авторот е издавач)


Статијата е прочитана 806 пати.

Испрати коментар

Од: марко
Датум: 19.08.2008 03:29:19
Амин! Македонија останува да „навива“, како и секогаш. Се гледа и во однос конфликтот во Грузија, а и во однос Олимпијадата. Очајно чарето го бара во претпоставките кој овој пат ќе триумфира. сама да фати парче од колачот кој одново се дели нема намера, што ќе и фрлат, само да и фрлат. Тоа е Македонецот, нема што да се замара со што се случува во светот, кога па се замарал.
Од: ЗССА - Скопје
Датум: 19.08.2008 07:58:36
Одлична колумна. Ова поттикнува на едно размислување за потребта од градење на имиџ на државата како демократска со важење на правото, како основни претпостапки за зацелокупен развој.Или пак, како нација која брзо учи и многу знае, како културна средина, како образована нација. или можеби како еколошки чиста средина, органско земјоделско производство и тн. Ама за ова треба, пред се, силан политичка посветеност и многу, многу работи. Од друга стрна, треба јасно да ни е на сите дека без ова нема странски инвестици, нема почитување и респект во меѓународните односи, а тиа ни се неопходни како воздухо за решавањето на името, признавање на на јазикот, црквата и се друго.
Од: Вики
Датум: 19.08.2008 09:06:36
одличен текст, ми се допадна начинот на кој се поврзуваат идеите за државен интервенционизам со актуелните подеми на некои квази-тоталитарни режими (Кина, Русија). Само она на што сме сведоци денес - разно разни интервенции на Федералните резерви во САД во насока на покривање на загубите од хипотекарната криза некој го имаше наречено со правото име - социјализам за богатите. Што баш и не изгледа како некое скршнување на подобро од патот на неолиберализмот.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Куршумот од Балтимор и овдешните желки
Во болниците ќе нема лек со доплата
Македонија не смее да го изгуби чекорот за НАТО
Воени хеликоптери го гаснат пожарот на Беласица
Претходен број
Русите се повлекуваат од Јужна Осетија
Зденко
СДСМ дебатира за лидер, но Црвенковски веќе ја зеде палката
Добри и лоши момци
Зошто Белград молчи?
Пензиската афера ја тресе Битола
Бензините поевтинуваат за 1,5, а дизелот за четири денари
Пекинг 2008
Мушараф поднесе оставка на функцијата претседател
На Трауматологија се појави опасна бактерија
Кина- Да се учи од другите – за да се надминат
Verbatim

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.