Хуманитарен сунет за ромските деца
ПРИЛЕП - Кај над 100 деца од ромска националност, на возраст до 10 години, вчера беше бесплатно извршена хируршка интервенција позната во муслиманската религија како сунет.
„Ромите се сиромашен народ. Немаат можност да одвојат по 100 евра за да може да ја извршат оваа хируршка интервенција кај секое свое дете. Затоа во соработка со турската невладина организација ИХХ и Сојузот на турските невладини организации од Македонија организиравме акција која ќе им ги намали трошоците и ќе им го олесни животот на Ромите согласно со традицијата и верските обичаи“, вели Мухарем Јашароски, претседател на Центарот за деца и млади во Прилеп.
Според информациите од турската организација ИХХ, освен во Прилеп, истата активност ќе се одвива уште во Битола, Кавадарци и Струмица, при што ќе бидат бесплатно опфатени над 200 деца.
„ИХХ е членка на ООН и нејзината цел е здравствена помош на населението во светот, без оглед на верата, бојата на кожата. Во моментов сме активни во 112 држави во светот. Им помагаме, пред се', на социјално загрозените семејства“, изјави Емин Шен, заменик- претседател на ИХХ.
Според традицијата, во домовите на Ромите овој е среќен ден.
„Славиме со пригоден ручек, свирка. Доаѓаат многу гости, носат подароци, како свадба да е. Така останало од старите, така и ние славиме“, вели таткото Ваит Веселиноски, кој вчера славеше сунет за своето петгодишно дете. (Мн.Т.) |