Марадона: Корејците во 1986 година играа теквондо

Дали ќе продолжи војната помеѓу Диего Марадона и Хух Јонг-Мо, која почна во 1986 година на СП во Мексико, кога денешните селектори беа играчи
Селекторите на фудбалските репрезентации на Аргентина и на Јужна Кореја, Диего Марадона и Хух Јонг-Мо, ќе се сретнат денеска во натпреварот од второто коло во групата Б на Светското првенство во Јужна Африка. Нивните селекции ќе решаваат меѓусебе за првото место во групата откако и двете победнички го почнаа настапот на Мундијалот: „гаучосите“ ја совладаа Нигерија со 1:0, а Корејците славеа против Грција со 2:0.
Се очекува фудбалерите на двата национални тима да не се истепаат буквално, како што тоа го сторија нивните селектори како играчи на СП 1986 во Мексико.
„Многу добро се сеќавам на Хух и денес. Играше човекот против нас во Мексико, како и неговите соиграчи, теквондо“, изјави Марадона за својот денешен колега.
Токму денешниот јужнокорејски селектор за чување на Марадона во првиот настап на подоцнежните светски прваци во Мексико 1986. Аргентина во тој двобој од првото коло во групата А на Олимпискиот стадион во Мексико Сити славеше со 3:1 со двата гола на Хорхе Валдано и со еден на Оскар Руџери.
Расположениот Марадона доби добар ќотек од Корејците уште во текот на првото полувреме. Тогаш врз него беа направени дури пет тешки прекршоци, од кои денес речиси секој би завршил со жолт картон, а некои од нив можеби и со црвен. Најопасните стартови ги направи токму Хух. Судијата Арминио Викторијано Санчез му покажа жолт картон дури за третиот, најмлак прекршок врз Марадона, и тоа во 44 мин.
Неговиот колега и „тепач“ од пред 24 години верува дека неговите избраници можат да го кутнат некогашниот светски шампион.
„Ќе го дадеме најдоброто од нас, бидејќи моите играчи можат само да ’пораснат‘ против ривали од нивен калибар“, вели 55-годишниот јужнокорејски селектор Хух. „Аргентина е меѓу фаворитите, но и ние имаме добри фудбалери. Во фудбалот помалите тимови неретко ги победуваат поголемите“.
Оптимист е и играчот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Парк Ји-Сунг: „Аргентина е најдобриот тим во нашата група. Но, ако играме колективно како против Грците, способни сме да стигнеме до посакуваниот резултат“, вели играчот на мечот против Грција. |