Селман последен меѓу 37 во трискок

Борачот Рамазанов денеска ќе го заокружи настапот на спортистите од Македонија
Шестиот и претпоследен македонски спортист што се појави на олимписките борилишта во Пекинг, атлетичарот Реџеп Селман, го освои последното место во конкуренција на 37 натпреварувачи што остварија пласман во трискок. Рекордерот на Македонија со 15,46 м што ги постави на 22 јуни годинава во рамките на Европскиот куп од Б-дивизијата во словачкиот град Банска Бистрица во квалификациите на ОИ прескокна 17 см помалку во својот втор и најдобар скок. Во првиот обид имаше резултат од 14,98 м, а во третиот 15,28 м.
За споредба, претпоследниот во квалификациската група А, во која се натпреваруваше и Селман, Кинезот Минвеи Жонг, скокна 15,59 м, но во последниот обид го „подобри“ најслабиот резултат на македонскиот претставник, прескокнувајќи 14,91 м. Со најдобар резултат меѓу 12. финалисти е Филип Идову од Велика Британија, кој уште во првиот обид прескокна 17,44 м. Нормата за пласман во финалето беше 17,10 м или пласман меѓу најдобрите 12 од двете групи според резултатот.
Последниот македонски „Мохиканец“ и најголем адут за висок пласман на 29. Олимпијада во Кина, Мурат Рамазанов, утрово од 4,30 ч. по македонско време ќе стартува во квалификациите во борење слободен стил. Ждрепката не му беше многу наклонета на 34-годишниот Русин со македонски пасош, бидејќи прв противник во категоријата до 60 кг. ќе му биде Тефик Одабаши од Турција, европски вицешампион од Москва 2006 и петти на Светското првенство 2007 во Баку. Рамазанов, пак, откако се бори под македонско знаме може да се пофали со бронзен медал од Европското првенство 2007 во Софија и со осмото место од СП во Баку. Победникот од мечот Рамазанов - Одабаши го чека Јонг Дае Ким од Јужна Кореја.
Распределбата на медалите почнува во 11,55 ч. со двата меча за бронзата, а финалето е закажано за 12,15 ч. |