Рекордни 5,05 м на Исинбаева во скок со стап

Кенијката Џелимо го подобри светскиот јуниорски рекорд на 400 м
Елена Исинбаева е херојот на четвртиот натпреварувачки ден во атлетика на 29. Олимписки игри во Пекинг. Русинката во голем стил го поправи за еден сантиметар својот светски рекорд во скок со стап поставен на 29 јули во Монако, прескокнувајќи 5,05 м во третиот обид во финалето. Претходно, исто така во последниот обид си го обезбеди златото со нов олимписки рекорд во тој момент од 4,95 м. Во Атина 2004 за олимписката титула и' беа доволни 4,91 м. Сребрениот медал во Пекинг го освои Американката Џенифер Стуџински со 4,80 м, а бронзениот некогашната лута ривалка на Исинбаева и сонародничка Светлана Феофанова со 4,75 м.
Поголемиот дел од натпреварот старо-новата светска рекордерка го помина лежејќи со пешкирот на глава, одморајќи се и пропуштајќи ги височините до 4,70 м. Вториот успешен скок светската шампионка го изведе на 4,85 м, кој и' беше доволен за одбрана на титулата, а потоа прескокна десет сантиметри повеќе пред да го одушеви светот со новиот рекорд.
Кенијката Памела Џелимо (18) уверливо триумфира во финалето на 800 м со нов светски јуниорски и африкански рекорд од 1:54,87 мин. Нејзината сонародничка Џенет Џепкосгеи Бусјенеи се задоволи со сребрениот медал со заостаток од 1,20 сек., а бронзата ја однесе Мароканката Хасна Бенхаси со извонреден финиш.
Енџело Тејлор ги предводеше САД до троен триумф на 400 м со пречки, каде што со турбо-финиш забележа личен рекорд од 47,25 сек. Втор беше Кирон Клемент со 47,98 сек., а трет Бершон Џексон со 48,06 сек. Тејлор го освои златото во оваа дистанца и на ОИ 2000 во Сиднеј, а четири години подоцна во Атина не се пласира во финалето.
Панама преку својот знаменосец на свеченото отворање Ирвинг Саладино го освои првиот медал на овие ОИ, и тоа златен во скок во далечина. Скокот од 8,34 м вреден победа Саладино го оствари во четвртата серија. И Хотсо Мокоена ја запиша својата татковина Јужна Африка на листата на освојувачи на медали во Пекинг со среброто со скок од 8,24 м, а трет заврши Кубанецот Ибрахим Камехо со 8,20 м.
Стефани Браун Трефтон им го донесе првото олимписко злато на САД во фрлање диск по 76 години, кога Лилиен Копленд во Лос Анџелес 1932 триумфира со 40,58 м. Резултатот од 64,74 м уште во првиот обид на калифорнијката висока 1,93 м и' беше доволен за победата. Среброто го освои Јарелис Бариос од Куба со 63,64 м во втората серија, а Олена Антонова од Украина стигна до бронзата со 62,59 м во претпоследниот обид, што е нејзино најдобро постигнување сезонава.
Бримин Кипроп Кипруто од Кенија го зграпчи златото на 3.000 м стиплчез со својот најдобар резултат сезонава од 8:10,34 мин, продолжувајќи ја доминацијата на својата земја во оваа тркачка дисциплина на олимпијадите. Среброто отиде за Махедин Мехиси од Франција со личен рекорд и заостанување од 15 стотинки, а бронзата му припадна на уште еден Кениец, Ричард Кипкембој Матилонг со време 8:11,01 мин. Последниот не-Кениец со триумф на 3.000 м со пречки беше Полјакот Бронислав Малинковски на ОИ 1980 во Москва, кои беа бојкотирани од Кенија.
Усеин Болт го направи и вториот чекор на патот до олимпискиот златен дабл во спринтот, остварувајќи трет најдобар резултат во втората квалификациска рунда на 200 м. Светскиот рекордер и нов олимписки првак на 100 м, кој на почетокот истрча 20,64 сек., беше нешто побрз во вториот круг (20,29 сек.), а во двете трки покажа голем потенцијал во последните 70 м. Брајан Ѕингаи од Зимбабве беше најбрз квалификант со 20,23 сек., а во денешното полуфинале ќе трчаат и Американците, бранителот на титулата Шон Крофорд, Волас Спирмон и „бронзениот“ на 100 м, Волтер Дикс. Финалето е утре. |