Ќе се гради нов студентски дом со 600 легла во Скопје
Владата оваа година планира да почне со изградба на нов студентски дом кој ќе се гради на просторот на бараките од студентскиот дом „Стив Наумов“. Од Министерството за образование велат дека идејното решение за домот е готово. Според него, домот ќе има 600 легла со три ламели од по 200 легла, а ќе биде на четири ката и потпокрив.
„За новиот дом Владата одвои 4 милиони денари за почеток на градбата, а од идната година ќе бидат доделени и дополнителни средства“, вели портпаролката во Министерството, Маја Корубин.
Оттаму појаснуваат дека студентите годинава нема да се сместуваат во бараките на „Стив Наумов“ поради нивната дотраеност.
Неделава, најдоцна до 22 август, кандидатите за студентски легла ќе треба да ја потврдат својата апликација која и годинава беше по електронски пат.
Од вкупно 5.708 легла, за бруцошите се одредени 1.142 места, а за студентите од другите години 4.566. Пријавувањето за бруцоши е од 30 август до 5 септември. Од оваа година е зголемена партиципацијата за сместувањето во студентски домови, кое од досегашните 3.100 денари, сега е покачено на 3.410 денари.
Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, на завчерашната прес-конференција соопшти дека невалидните податоци при електронското пријавување не биле земени предвид при селекцијата на кандидатите за студентски легла. (Ж.Х.З.)
|