Контурите на катната гаража во Аеродром ќе бидат видливи наесен

Се' уште се изведуваат подготвителните работи на теренот
На изградбата на првата катна гаража во Аеродром, чиј камен-темелник беше поставен пред повеќе од три месеци, се работи со полн интензитет. Од ГП „Илинден“, кое е изведувач на работите, а наедно и сопственик на градежната парцела, потенцираат дека на теренот се работи секојдневно според утврдената динамика и засега без застои и непредвидени проблеми. Петруш Дејановски, директор на оператива во претпријатието, објаснува дека во завршна фаза се поголемиот дел од неопходните подготвителни активности за изградба на објектот. Во изминативе три месеци е завршена речиси една третина од дислокацијата на подземната инфраструктура, односно преместувањето на цевките за парно и електричната инсталација што ја користат околните згради. Предвидено е дислокацијата комплетно да заврши најдоцна за два месеца, пред почетокот на грејната сезона.
„До 15 октомври сигурно ќе почне изградбата на објектот, што значи ќе се постават темелите. Изминатиов период завршија поголем дел од потешките работи во подготвителната фаза, од кои голем дел се во интерес на безбедноста на теренот при изградба на објектот“, објаснува Дејановски.
Според динамиката на работа, деновиве продолжува дислокацијата на електричната мрежа неопходна за функционирање на семафорите во околината. Според договорот што го има потпишано „Илинден“ со Министерството за транспорт, катната гаража треба да се биде готова за една година. Проектот предвидува гаражата да биде висока 10 метри, да има три нивоа под земја и четири над земја. Капацитетот на гаражата е 208 возила. Паркирањето ќе се наплаќа, а со објектот ќе стопанисува ГП „Илинден“. Иако гаражата, според условите на лицитацијата на земјиштето, требаше веќе да биде готова, работата се одложи поради неусогласеност на проектот и Деталниот урбанистички план. (Дс.Т.)
|