Селмани откажа, Славковски ќе дебитира во Реквере

Иако имаше специјален третман на подготовките, Славковски ќе го облече дресот на младата репрезентација
Миодраг Мицковиќ
Младиот напаѓач на Интер Горан Славковски, кој пред десетина дена доби македонски пасош, и покрај проблемите со повредата на глуждот, ќе дебитира за младата репрезентација, играчи до 21 година на утрешниот меч против Естонија во квалификациите за Европското првенство. На подготовките во Струмица имаше специјален третман, беше постојано под лекарска контрола, не играше на тест средбата со Турново - 2:1 за да биде подготвен за средбата со Естонија.
-Славковски ги издржа последните два тренинга, не чувствува веќе болки и сигурно ќе игра и дебитира за младата репрезентација против Естонија и на наредниот меч со Норвешка исто така во гости, ни рече селекторот Мирсад Јонуз. За ова кусо време од подготовките во Струмица добро се вклопи во атмосферата на тимот, со играчиоте учи и македонски бидејќи е роден во Шведска и не го знае најдобро.
За разлика од Славковски, второто засилување што требаше да биде за младата селекција, Севдаиљ Селмани, кој инаку настапува за Баер Леверкузен во последен момент го откажа настапот за мечот со Естонија. Со оглед дека нема време да се повика нов играч поради временскиот теснец со вадење на визи, Јонуз нема да повика нов играч.
-Што е тука е, мислам дека имаме шанси да ја совладаме Естонија и да ги задржиме шансите за второто место во групата што ќе ни овозможи да играме бараж за учество на финалниот турнир за Европското првенство. Меѓутоа, сега е најважно да ги освоиме трите бода на овој меч, а потоа ќе размислуваме за средбата со Норвешка. Ме радува позитивната атмосфера во тимот, сите повикани играчи освен Селмани дојдоа на подготовките во Струмица, тука се и „странците“, покрај Славковски и Тричковски од Црвена ѕвезда, Зоран Златковски, Славија (Софија), Агим Ибраими, Ред Булс (Австрија), Сашко Пандев, Динамо (Загреб) и Даниел Георгиевски, Меѓумурје.
Инаку, во текот на вчерашниот ден репрезентативците заминаа за Бугарија, ќе спијат во Софија а денес патуваат за Талин. Средбата со Естонија се игра во градот Реквере, одалечен околу 90 м од Талин, утре во 13 часот по македонско време. |