Одбележана 120-годишнината од формирањето на македонската книжевна дружина

Во црквата Св. Петар и Павле во Галичник, се одржа првото чествување на овој јубилеј
Киро Кипроски
Галичник- Годинава која е прогласена за година на македонскиот јазик, сосема случајно се совпаѓа со одбележувањето на 120-годишнината од формирањето на „Славјанско - македонската книжевна дружина“ во Софија. Иницијатор, основач и нејзин прв претседател беше Ѓорѓија Пулевски, истакнат македонски преродбеник од 19 век. Во Галичник, родното место на Пулески, се одржа првото чествување на овој јубилеј, во организација на Здружението за културна афирмација на Мијаците, КАМ. Според зборовите на претседателот Митре Ажиевски, есенва, по овој повод, чествувања ќе се организираат во Скопје, Гостивар, Штип, Битола и во други градови на Македонија, се со цел јавноста да се запознае со улогата и целта на Славјанско - македонската книжевна дружина.
„Годинава кога се навршуваат 120 години од нејзиното формирање, се сеќаваме со проткаени и возвишени чувства за јазичните, поетските, леснографските и историографските патокази на Пулевски, кои беа поттик да се формира македонското ученичко друштво Вардар 1893-1894 во Белград, на македонското научно-литературно другарство во Петроград, на македонскиот литературен кружок во Софија 1938, како и на оние асоцијации што се создаваат во нашата најнова културна историја и во нашата современост, ДПМ,МАНУ и многу други“, истакна Коста Граоркоски, публицист и истражувач на галичкото културно богатство. Според Граоркоски, планираните чествувања ќе претставуваат најсоодветно одбележување на големата годишнина, која ќе не исполни со голема благодарност и гордост, кон Пулевски , кој целиот свој живот го посвети на македонскиот народ, со целото свое битие. Пулески покажа како се сака сопствениот народ, а ние неговите потомци, тоа треба да го помниме и вечно да му сме благодарни.
Инаку, Ѓорѓија Пулевски покрај овој потфат, како пробуден син на македонскиот народ, освен пушката , го зграби и перото согледувајќи дека македонскиот јазик е основниот темелен фактор за афирмација на Македонија и македонскиот народ, како посебен народ во големото семејство на балканските народи. Воден од таа идеја и размисла, нанижа капитални дела, со кои неможат да го надминат ниту неговите претходници, ниту неговите потомци. Ги напиша првите македонски речници: Речник од четири јазика, Речник од три јазика, стихозбирките Македонска песнарка, Самовила македонска, првата граматика Словница речовска, Првата македонска општа историја од 1868 ракописни страници. Остануваат непубликувани и скриени неговите ракописни текстови Родословница, Народна песнословница, Смисленица, Буквар, Обичаи и песни и многу други дела. Ѓорѓија Пулевски издигнат над судбината на Македонија, со своите дела го воспеа македонското и вечно е на пиедесталот на македонската културна и јазична преродба и опстојба.
Пулевски беше горд на своето македонско потекло, се сметаше за потомок на старите антички Македонци и старославјани на Филип и Александар, на Кирил и Методиј, на Кли��ент и на Наум... се врзуваше за реката Галик и имаше нешто свое, својствено и самостојно расудување за својот идентитет. Тоа негово расудување е всушност вистината на македонскиот идентитет и патоказ по кој треба да се движи македонскиот народ и во 21 век. Токму затоа, Ѓорѓија Пулевски е најтрајниот, најцврст и најнесоборлив постамент на кој се потпира Македонија.
На прославатa на 120-годишнината од формирањето на „Македонската книжевна дружина“ , што се одржа во црквата Св. Петар и Павле во Галичник, ја збогати првенката на Македонската опера и балет Весна Ѓиновска-Илкова, која ја исполни неповторливата галичка химна „Зајди, зајди, јасно сонце“. |