Претседателот не даде виза за Законот за надворешни

Претседателот како што беше договорено, ги потпиша указите за 52 закона
Шефот на државата, Бранко Црвенковски, вчера не го потпиша указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи. Според претходно договореното, на средбата со претседателот Трајко Велјановски тој ги потпиша указите за 52 закона околу кои се крена доста прав во изминативе три недели.
Црвенковски има низа забелешки околу измените за кои текстот го добил на 30 јули, а веќе на 31 јули беа усвоени во Собранието, така што немал доволно време благовремено да реагира. Шефот на државата, чии уставни надлежности навлегуваат и во сферата на надворешната политика, смета дека тие се направени на штета на градењето професионална дипломатија, а на сметка на партизација на дипломатијата со измената на член 8, кој предвидува минималниот број амбасадори што се именуваат од професионалниот состав на Министерството - од наместо „најмалку две третини“ да биде на „најмалку една четвртина“. Став на претседателот бил дека ако прагот од две третини е превисок, а една четвртина е пренизок, прифатливо би било решение од „една половина“, било предвидено со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за надворешни работи од почетокот на годината.
Црвенковски е скептичен и за одредување на нивото на дипломатските звања со тоа што измените предвидуваат кандидатите за амбасадори да имаат „високи“ дипломатски звања, а не „највисоки“, како што стои во законот усвоен пред само две години.
Од Кабинетот на претседателот сметаат дека измените содржат решенија кои претставуваат мешање во уставните надлежности на претседателот на Републиката. Како на пример членот 12, кој предвидува Владата да утврдува со кои потези од работата на амбасадорите „им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот“.
Отповикувањето на амбасадорите е во исклучива надлежност на претседателот и Владата нема право да се меша во таа сфера, сметаат во Кабинетот, како што негова уставна надлежност е да испраќа специјален пратеник, за кого може да побара мислење од министерот, но да не биде ограничен со новото решение кое предвидува шефот на државата претходно да се консултира со шефот на дипломатијата. (Д.Ч.) |