Цариград не дозволува „промени на канонското управување“

Тврдиот став е на инсистирање на московскиот патријарх Алексиј Втори
Истанбул - Македонската, Црногорската, Украинската или која било друга православна црква, која бара самостојност или признавање надвор од утврдените канонски норми, нема причина за оптимизам по одржаниот сеправославен самит неодамна во Истанбул, Турција. Ваквиот заклучок произлегува од заедничкото соопштение што го потпишаа претставниците на 17 православни патријаршии и цркви од светот кои учествуваа на панортодоксниот самит што се одржа деновиве во Истанбул под покровителство на Цариградската патријаршија. Учесниците на овој сеправославен собир во Истанбул, најголем по 1902 година, категорично се изјаснија за „потребата на зајакнување на заедништвото на ортодоксните цркви“, но и за „заштита на непроменливоста на канонското управување“.
Се проценува дека ваквата формулација првенствено се однесува на Македонската православна црква и на Црногорската црква, но и на Естонската, Украинската и на другите ортодоксни цркви што пројавуваат вакви претензии и дека таа е издејствувана на инсистирање на московскиот патријарх Алексиј Втори и претставникот на Српската православна црква и поддржана од претставникот на Грчката православна црква, атинскиот архиепископ Јеронимос.
Најдобар знак дека водечките православни цркви во светот ќе заземат остар курс во поглед на непроменливоста на канонските правила беше доаѓањето на серускиот патријарх Алексиј Втори.
На панортодоксниот самиот во Истанбул, покрај поглаварите и претставниците на сите патријаршии, учествуваа и претставници на многу други самостојни или потчинети православни цркви. Меѓу нив беа атинскиот архиепископ Јеронимос, кипарскиот Хрисостомос, албанскиот Анастасиос, потоа чешкиот, словачкиот и финскиот епископ, естонскиот митрополит и претставниците на Српската патријаршија и претставниците на православните цркви од Бугарија, Грузија и од Полска. (Макфакс)
|