СТИЛ
Танцувајќи, не може да се пропушти животот

Современиот танц ми отвора можности за креативно изразување, вели Искра Шукарова
Јасминка Павловска
Преокупирана со креативната, но и со техничката организација на четири проекти моментно, се чини, Искра Шукарова нема време да размислува за брзата минливост на векот на балерините. Според официјалната систематизација на нејзината матична куќа Македонската опера и балет, Искра е истакнат солист и кореограф, но тоа како да е претесно да ги искаже сите нејзини интереси и преокупации. Пред една седмица, со проектот „Охридска легенда“, каде што таа е кореограф и на некој начин и корежисер, беше затворено 40. издание на БЕМУС во Белград.
„Идејата на организаторите на БЕМУС беше на еден потраен начин да се одбележи делото на композиторот Стеван Христиќ, како свечено затворање на оваа престижна музичка манифестација“, раскажува Искра Шукарова. „Делото ’Охридска легенда‘ беше изведено од Симфонискиот оркестар на РТС, додека како една визуелизација на музиката паралелно течеше 40-минутниот танц-филм, во режија на Милош Џукелиќ, каде што ја работев кореографијата, но соработував и при монтажата на филмот. Инаку, филмот се снимаше во Охрид, на најубавите и најинспиративни локалитети, со балетски изведувачи. Нема нарација во филмот, туку прикажување танцова поетика на платно, според мотивите на ’Охридска легенда‘, што е посебен предизвик за кореографскиот израз, кој бара филмско и на некој начин фрагментарно размислување. Малку имав трема пред изведбата на делото, но дотолку повеќе моето задоволство беше поголемо по силниот аплауз во белградскиот ‘Сава центар‘ по завршувањето. Тоа ми се потврди со критиките во белградскиот печат, каде што доминираше впечатокот дека ’Охридска легенда‘ доби нова форма. Наскоро планираме да го промовираме филмот и во Македонија, а за целосно претставување на проектот со концертна изведба е потребна посложена организација, но верувам дека и тоа е изводливо“, оптимистична е Искра.

Белградските впечатоци се' уште не се стивнати, а Искра веќе со полна пареа работи на новата поставка на „Кармен“ во својата матична МОБ, каде што таа го игра ликот на Гатачката. Веќе од 26 октомври започнува првиот фестивал за современ танц под мотото „Локомоушн – мрдни се“, каде што Шукарова е дел од организацискиот тим на „Локомотива“ – центар за нова иницијатива во уметноста. Покрај активното учество во подготовката на целиот фестивал, кој ќе трае до 1 ноември, за Искра е особено важен 29 октомври, кога ќе биде премиерата на нејзиното најново кореографско остварување „Формула“, во соработка со партнерот од Словенија Дејан Срхој, поранешен првенец на Љубљанскиот балет.
„Ова ми е исклучителен период во поглед на професијата. Всушност, постојано нешто работам, но обично се еден-два проекта во исто време. А сега, еве, некако се совпаднаа четири работи во кусо временско растојание. Но, не се жалам. Со добра организација се' се стигнува. Целата екипа на ’Локомотива‘ се вложи со голем ентузијазам во фестивалот за современ танц ’Локомоушн - мрдни се‘ за да промовираме некои иновативни авторски изведувачки форми во современиот танц. Партнери на фестивалот ни се МНТ и Културниот центар ’Точка‘. Како автор, особено ми е важен 29 октомври, кога ќе биде премиерата на моето најново кореографско остварување ’Формула‘. За овој проект е заинтересиран и познатиот кореограф Јозеф Наѓ, кој би сакал да го постави и во својот кореографски центар во Орлеан, Франција. Поконкретните договори треба да се случат по премиерата на ’Формула‘ во Љубљана, каде што живее и работи мојот партнер во проектов Дејан Срхој“, раскажува Искра за своите актуелни проекти и планови.
Првичното доживување за Искра Шукарова е - балерина. Таа, освен класичното балетско образование, на специјализацијата во Лион, Франција (речиси веднаш по завршувањето на Средното балетско училиште во Скопје), ги открива можностите и перспективите на модерниот танцов израз.
„Класичниот балет бара извонреден тренинг на телото и цело време во текот на кариерата учиш како да го дисциплинираш телото“, раскажува Искра. Таму се' е прецизно и строго одредено како треба да биде изведено. Во класичниот балет има форми кои само младо тело може да ги изведе. Ние, самите балетски уметници, го чувствуваме тоа во игра, но и на сцената се забележува разликата меѓу млад и искусен уметник. Има некаква внатрешна спротивставеност во балетската уметност. Треба да изгледаме (и изгледаме) нежно и кршливо, но во суштина за да ги изведеме сите барања на нашата професија, потребен е исклучителен тренинг, кој не' прави многу цврсти и издржливи. Современиот танц, од друга страна, дава поголеми можности за индивидуализам, за авторски израз, за полична експресија на емоциите. Можеби има поинаква техника на движења, но јас го прифаќам тоа само како надополнување на изразот. Техниката е само средство. Најважно е што соопштуваш со играта на телото“, размислува Искра Шукарова.

Таа е свесна дека од пензионирањето во балетската игра ја делат четири-пет години, но го прифаќа тоа како реалност.
„Никогаш не ми било доволно да бидам само изведувач“, вели Искра. „Затоа кога на специјализацијата во Лион го открив она што го нуди современиот танц, целосно влегов во него. Современиот танц ми отвора можности за креативно изразување и цело време во текот на мојата кариера паралелно работам и на класичниот и на модерниот балет. Постдипломските студии во Лондон, пак, ме насочија и кон едукација на млади автори во современиот танц. Навистина не би имало смисла сето што сум го работела ако не им го пренесам на помладите балетски генерации во Македонија. Особено што сега веќе се отвораат и многу регионални соработки. Токму затоа ми е важен проектот ’Локомотива‘“.
Зборувајќи за балетот и за современиот танц, Искра Шукарова констатира дека во нејзиниот живот нема граница меѓу професијата и приватноста.
„Тоа ми е мене сосема природно. Балетот и танцот се' дел од мене, па и слободното време ми е во функција на нив. Но, тоа воопшто не ми е товар. А покрај тоа, ја имам поддршката од семејството и од МОБ за се' што работам. Навистина, еднаш малку се сепнав кога татко ми, читајќи едно мое инте��вју, ми рече: ’Понекогаш ми е жал за тебе. Ти постојано зборуваш само за работа, работа, работа... Како да го пропушташ животот‘. Но, сепак, играјќи и танцувајќи - јас никако не го пропуштам животот!“ |