Се фрлила од мост поради брачни проблеми
Дваесет годишната Сабаета Ализотова од неготинското село Пепелиште завчера поради брачни проблеми и недоразбирања се обидела да посегне по својот живот, фрлајќи се од мостот на реката Вардар, во село Пепелиште.
По расправија со својот сопруг, во саботата наутро Сабаета излегла од дома и скокнала од железната ограда на мостот. Во меѓувреме, се задржала со едната рака за гранка која била закачена за столбовите на мостот. При падот, го повредила вратот.
Од полицијата потврдуваат дека мотивот Сабаета да посегне по својот живот било неколкумесечното неразбирањето со сопругот и свекрвата. Обидот за самоубиство го забележале двајца рибари. Поради повредите, Сабаета е пренесена во скопскиот Клинички центар каде што е задржана на болничко лекување, а за нејзиниот 14-месечен син се грижи нејзината свекрва.
„Слушнав кога скокна од мостот, како да пукна пушка. Брзо дојдоа лекарите и со гума ја извадија од водата. Жената беше жива и при свест. Докторите и укажаа прва помош и ја однесоа во болница“, вели Владо Стојанов, очевидец на настанот. (А.Д.) |