Водостопанство „Брегалница“ половина година без плата
Иван Бојаџиски
ШТИП - Шест месеци без денар во џебот. Тоа е горчливата судбина на вработените во водостопанската организација „Брегалница“ со седиште во Кочани. И додека раководството не може да изнајде начин да си ги наплати побарувањата од водокорисниците во висина од 20 милиони денари, вработените не можат да состават крај со крај. Покрај долгот за плати, претпријатието на вработените им должи пари и за хранарина, и тоа за период од осумнаесет месеци. На прашањето на вработените како да преживеат, како да си купат лекарства, како да ги школуваат децата, од раководството им било одговарано да се снајдат!
Директорот Горан Зашов не го негира фактот дека платите доцнат. Но, истовремено потенцира дека годинава тие успеале да исплатат две плати, една за декември 2007 година и друга за јануари 2008. Толкави биле моменталните финансиски можности на ВП „Брегалница“, иако наплатата во однос на 2007, според Зашов, била зголемена за 25 проценти, за колку што била зголемена и претходната година.
„Имаме многу проблеми во рамките на хидросистемот. Еден од нив е нефункционирањето на 18-те мерни инструменти поставени на влезот на водата за секоја водна заедница. Во овие софистицирани мерачи во 2005 година Светска банка вложи 500.000 евра, во рамките на нивниот проект за ревитализација на системот. И покрај хендикепот со инструментите, имаме приближно точни сознанија за тоа која водна заедница колку вода добива. Одговорно тврдам дека летово имавме најдобра организација во снабдувањето со вода на потрошувачите. Сите корисници ги имаа требуваните количини вода, па се надеваме дека тие адекватно ќе одговорат со редовна исплата на своите обврски. Тоа е услов за намирување на нашите финансиски обврски спрема вработените и сите други“, вели Зашов.
Вработените, кои со месеци не виделе пари за својата работа, му забележуваат на раководството што не презема поригорозни мерки кон водните заедници што одбиваат да платат за преземените количини вода. Тие тврдат дека со такви мерки претпријатието ќе имало и повеќе од доволно пари за плати, но и за други редовни активности.
„Водните заедници и ВП ’Брегалница‘ се правни субјекти со свои жиро-сметки. На неплаќачите треба да им се прекине снабдувањето со вода. Кога на свој грб ќе ги почувствуваат последиците од сушата, ќе побрзаат да си ги намират долговите“, коментираат дел од вработените кои инсистираат на анонимност.
Овој регионален систем е изграден за наводнување на 25.000 хектари плодни ниви. Меѓутоа, денес наводнува помалку од 6.000 хектари. Во сите периоди од осамостојувањето до денес претпријатието го следат многу контроверзии, а наплатата отсекогаш била најголемиот проблем.
Во 2005 година постоеше проект на Светска банка со кој требаше да се имплементира најсовремен начин на управување со водните ресурси, но и како да се решат најгорливите проблеми. Но, наместо решение, се случи ескалација на состојбите. Вработените, затоа што немаат синдикат, не можат да се организираат да ги заштитат своите интереси загарантирани со закон.
|