Моторџиски плакат повикува на дискриминација?
Забраната за влез на хомосексуалци на моторџискиот настан на Кале за невладините организации е пример за дискриминација и за говор на омраза
Гордана Дувњак
Стоп за оружје, дрога, животни, 666, алкохол, педераси. Оваа забрана испишана на плакатот, со кој се најавува Меѓународниот мотофестивал, што ќе се одржи од 16 до 19 јуни на скопско Кале, претставува пример за дискриминација и за ширење говор на омраза.
Ова го тврдат група невладини организации, кои ќе побараат од белградската култна група „Електрични оргазам“, како и од останатите рок-групи, што ќе учествуваат на годинашниот фестивал на моторџии, да го бојкотираат настанот. За нив е уште позагрижувачки тоа што покровител на целата оваа манифестација е Градот Скопје и затоа бараат од Обвинителството да реагира. Тие вчера се обратија и до Канцеларијата на омбудсманот, од каде што добија ветување дека ќе се отвори постапка за овој случај, за да се испитаат наводите за дискриминација и говор на омраза.
Организаторот на фестивалот, пак, македонскиот разгранок на популарниот руски клуб „Ноќни волци“, негира дека имале намера кого било да го дискриминираат. Претседателот на ова Здружение, Ленин Јовановски, истакнува дека станува збор само за моторџиски сленг, со кој отворено се порачува дека во тие два дена предвидени за дружење и добра забава не се добродојдени луѓе подготвени да прават проблеми.
„Законот за заштита на дискриминација стапи во сила, но тој очигледно не се применува. Бараме од јавниот обвинител да поведе кривична пријава по службена должност против организаторите, бидејќи не е прв пат ова да се случува“, вели м-р за човекови права Жарко Трајановски.
Според него, единствена разлика е тоа што во однос од лани, годинава покровител е Градот Скопје, што значи дека со пари на граѓаните директно се поттикнуваат дискриминацијата и говорот на омраза.
За Кочо Андоновски, активист за човекови права, напишаното на плакатот е класичен говор на омраза, кој оди под амблемот на Град Скопје.
„Ќе му испратиме порака на градоначалникот на Париз, Бертранд Деланое, кој е добар пријател со нашиот градоначалник Коце Трајановски, да дојде и да го посети овој фестивал и да се запознае со она што се нуди како понуда“, вели иронично Андоновски.
За случајот ��чера се заинтересира и народниот правобранител, а оттаму најавуваат дека по своја иницијатива ќе реагираат.
„Ние го отворивме сајтот на организаторот, го видиме и го испринтавме плакатот. Ќе го испитаме случајот за да видиме дали има елементи на дискриманција и говор на омраза. Планираме да побараме објаснување од Градот Скопје и од организаторот“, вели Уранија Спировска, портпарол на омбудсманот.
Организаторите на фестивалот, пак, сметаат дека непотребно се кренал прав и настанот е искористен за промоција и популаризација на некои невладини организации.
„Ние не сме ни невладина организација ни партија, сами го финансираме овој настан, кој треба да им се даде на сите оние што ќе дојдат на Кале, добра забава и дружење. Ниту имавме намера некого да дискриминираме ниту, пак, сме мислеле да им забраниме влез на хомосексуалците. Моторџиите се храбри луѓе и работите ги кажуваат отворено. Станува збор за моторџиски сленг, кој се однесува на карактерни особини, а не на категории луѓе. Сакавме да порачаме дека таму им е местото на сите оние што имаат убава мисла, а не и на оние што прават проблеми“, додава Јовановски. |