Пренесено
Бугарија - најкорумпираната држава во Европа? (2)

Платени убијци маскирани како попови
„Њујорк тајмс“ и „Интернешенел хералд трибјун“ во четвртокот објавија голема сторија за огромната корупција во Бугарија. „Хералд трибјун“ ја најавува сторијата со реченицата: „Другите земји имаат мафија. Во Бугарија, мафијата ја има земјата“. Во неколку продолженија ќе го пренесеме ова исклучително интересно четиво за состојбите во бугарското општество.
Корените на растечкиот организиран криминал на Бугарија датираат од пропаѓањето на комунизмот во почетокот на 1990-тите години. Безбедносните сили внатрешно се распаднаа и илјадници тајни агенти и спортисти, вклучувајќи и борачи кои некогаш беа поддржувани и згрижени од државата, останаа на улица. За време на ембаргото на ОН за завојуваната Србија во 90-тите години, тие групи искористија можности за шверц и ги зајакнаа нивните мрежи.
Западните дипломати и експертите за организиран криминал тука проценуваат дека има 20 - 50 богати бизнисмени кои во еден извештај се дефинирани како „екстремно ризични претприемачи“ со мистериозни извори на неверојатно богатство. Јадрото на сивата економија на Бугарија, како што се вели во извештајот од Центарот за проучување на демократијата - антикорупциска група во Софија, се јамки на политички поврзани бизнис-групи. Тие се формираат околу различни компании кои влегуваат и излегуваат од бизнисот како што се појавуваат можности и правни пречки.
Потоа, профитот од извори како што се шверцување цигари или алкохол се пробиваат до легалните фронтални компании како што се фудбалски клубови, каде што парите можат да се перат со огромни такси што се плаќаат за трансфери на фудбалерите. Конкуренцијата е брутална: сите тројца поранешни претседатели на фудбалскиот клуб Локомотив Пловдив се убиени, еден од снајперист во близина на Црно Море.
Во Софија - раздвижена комбинација од коцкести станбени блокови од комунистичката ера, луксузни синџири на продавници и богата, мошне обезбедувана архитектура позната како „мутри барок“ - луѓето ја плаќаат цената на стравот и слабото применување на законот со присутни чувари насекаде. Седумдесет и пет отсто од бугарските компании имаат обезбедување, многу повеќе од другите земји во Источна Европа, укажуваат аналитичарите од „Ентерпрајс сурвејс“, кои работат за Светска банка.
Како во Русија и во некои други балкански земји, корупцијата е навлезена во структурата на животот. Софија е седиште на развиениот црн пазар за крв надвор од просториите за итна помош, каде што семејствата на пациентите се нагодуваат со дилерите, јавуваат бугарските информативни медиуми кои ги следат цените.
Со текот на времето, се развила хиерархија, истакнуваат експертите за организиран криминал. На дното се насилничките платени убијци. Потоа, следуваат претприемачите кои преземаат ризици и бизнисмените во сенка кои имаат блиски врски со владата. Помладите мажи преземаат одговорност за црните пазари, додека постарите мажи се справуваат со политичките елити. Денес, мажите познати под прекарот „дебели шии“, поради нивниот мускулест изглед, се движат во неонски осветлените ноќни клубови на Софија, како што се „Син сити“ и „Липстик“, или внимаваат на џиповите „мерцедес“ и автомобилите „ауди“ паркирани пред клубовите. Во софиските прирачници се нудат совети: избегнувајте ресторани што ги посетуваат бизнисмени со четворица или повеќе телохранители. Телохранителите го запираат јавниот сообраќај кога нивните шефови пристигнуваат во „Син сити“. Претпазливоста е главното нешто. Во изминатите пет години Бугарија помина низ убиства со автоматски пушки и инвентивни напади среде бел ден. Платените убијци се маскираат како пијаници и православни свештеници. Во 2004 година, некој постави бомба на врвот на лифт во центарот на Софија, која беше активирана со мобилен телефон, при што загинаа бизнисмен и тројца телохранители.
Билансот сега изнесува над 125 договорени убиства, покажува списокот составен од американската амбасада во Софија во кој не се вклучени петте лица убиени оваа година. Повеќето од убиствата се нерешени. Убиените ја раскажуваат приказната на централните гробишта во Софија, каде што семејствата им подигнаа гробови од италијански мермер, со огромни слики на луѓето идентификувани со прекарите Докторот, Нарцисот, Русот и Кумот.
Приемот во ЕУ не го спречи крвопролевањето, туку ја зајакна борбата за власт. Според антикорупциските реформисти и изборните посматрачи - кои, исто така, се охрабруваат од надворешната европска поддршка - гласовите можат да се разменуваат, зависно од градот, за цигари марихуана или да се продадат до 100 лева. „Гласачите фотографираат пополнети гласачки ливчиња со мобилни телефони за да ја гарантираат нивната продажба“, вели Ива Пушкарова, извршен директор на Бугарското здружение на судии. „Тие разменуваат гласови слободно на улица, убиваат и им се закануваат на луѓето без срам. Поевтино е да водиш сопствен бизнис и многу е побезбедно отколку да му довериш на некој политичар да го направи тоа за тебе“, вели Пушкарова. |