ЕУ ќе ги разголува патниците на аеродромите

Со нов скенер инсталиран на аеродромите, ќе се гледаат и најинтимните делови на човековото тело
Брисел - „Ви посакувам добра снимка“ е новиот поздрав што ќе го добијат, според реакциите во Брисел, патниците во Европската унија откако за две години ќе стапи во сила новата технологија за контрола на аеродромите.Одлуката ги разгневи европарламентарците и групите за човекови права, според кои со оваа мерка Брисел отишол предалеку, па ќе ги „разголува“ виртуелно патниците и ќе овозможи пристап до нивната интима. Повод е новиот скенер кој од април веќе се применува на поголемите аеродроми во САД, во Австралија и експериментално на холандскиот „Скипол“, кој со помош на електромагнетна радијација во апарат кој личи на голем мобилен телефон ќе открива парчиња пластика, керамика, метал и други тврди предмети, така што ќе ја „тргне“ електронски облеката од телата. Проблемот е што апаратот ќе ги покаже и сексуалните органи, телесните недостатоци, па и катетери, протези, импланти и други медицински помагала, што беше причина европарламентарците да го наречат целиот процес „срамно и недостоинствено искуство“, па и деградација, со забелешка дека можат да ги замислат коментарите на тие што ќе работат зад фамозниот скенер. Во Европскиот парламент оваа мерка беше наречена „масовно нарушување на приватноста на граѓаните што не може да се оправда со никакви безбедносни мерки“, со коментар дека зад параванот на борба против тероризмот се' повеќе се прекршуваат фундаменталните човекови права. Реакцијата сега е дури и поголема од бурата што ја предизвика Европската комисија со одлуката за собирање десетина податоци од патниците, од адресата, бројот на телефон, болестите што ги имаат, бројот на кредитните картички, предиспозициите каде да седат во авионот (блиску до пилотот или не), каква храна преферираат (за да се види ��али се со муслиманско потекло) и слично.
Во ЕК посочуваат, сепак, на искуствата во САД, тврдејќи дека меѓу вработените кои ќе ги гледаат снимките и патниците ќе нема физички контакт, односно дека ќе бидат сосема одделени, а на екраните ќе бидат затемнети лицата, така што нема шанси да ги препознаваат или да знаат за кого станува збор. Исто така, на вработените на скенерите ќе им биде строго забрането да носат камери или мобилни апарати со кои можат да направат фотографии, а снимките ќе се бришат веднаш и нема да се употребуваат како судски докази. Исто така, се тврди дека и заканите за здравјето на патниците не се такви за да бидат причина да не се употребуваат скенерите, односно дека еден патник треба да помине илјада пати низ овој скенер за да прими исто ниво на радијација како при правењето снимка на рендген, а 10.000 пати за да ја стигне опасната висина на радијација на годишно ниво. И покрај тоа, сненерот предизвика протести на лондонскиот аеродром „Хитроу“, па е повлечен од употреба, а и таму каде што се применува им е оставена опција на патниците да изберат дали сакаат да ги проверат со пипање, како досега, или тродимензионално да се „сликаат“. Иако одлуката ако ги помине сите нивоа во ЕУ, треба да се применува во сите земји-членки од 2010 година, таа веќе е квалификувана како премногу орвеловска, со барање од ЕП да биде преиспитана итно. (С.Ј.)
|