Обдукцијата потврди дека отровната бактерија ја усмрти Барбара

Родителите на штипјанката, која се затру во Црна Гора, се сретнаа со министерот за здравство
Родителите на 18-годишната Барбара Лазарова, која почина по летувањето во Црна Гора, ќе бараат одговорност за смртта на својата ќерка. Од кого ќе бараат одговорност, од болницата во Котор, Министерството за здравство на Црна Гора или од ресторанот во Будва, ќе се знае по консулатциите со нивниот адвокат. Дали ќе се бара одговорност и од македонските лекари, родителите не знаат зашто немаат доволно информации.
Официјалните резултати од обдукцијата на младата штипјанка ја потврдија првичната дијагноза дека причина за смртта кај матурантката бил отровот што го испуштила бактеријата ешерихија коли. Според обдукцијата, кај Лазарова следувало откажување на повеќето витални органи (бубрезите, мозокот, белите дробови, црниот дроб и слезината) и се развило срцево-белодробно затајување со фатален исход.
Овие резултати вчера им биле презентирани и на родителите на штипјанката, кои беа на средба кај министерот за здравство, Бујар Османи. На средбата присуствувал и конзилијарниот тим лекари, кои информирале дека дијагнозата од обдукцискиот наод во целост се совпаѓа со првичната дијагноза поставена на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде што започнало лекувањето на Барбара.
„Исто така, беше укажано дека натамошните спроведувани дијагностички и тераписки постапки биле изведувани според современи медицински принципи, под тимски, стручен и мултидисциплинарен надзор на специјалисти од различни области на медицината (инфектолози, хематолози, нефролози, невролози, кардиолози, анестезиолози, хирурзи, гинеколози и микробиолози)“, се вели во вчерашниот допис од Министерството за здравство.
Министерот Османи ги информирал родителите дека Министерството ќе продолжи да го следи случајот за смртта на нивната ќерка и доколку има нови моменти од црногорското Министерство за здравство, семејството ќе биде навреме информирано.
Сепак, и натаму останува нејасно каде и преку што Барбара ја добила бактеријата. Експертите велат дека оваа бактерија, најчесто, се јавува во недопечено месо, а поретко и од неисправна вода. (Г.А.) |