„Војната заврши“ има странско реноме, но нема копродуценти
 Малиот Ирфан Османи, кој игра една од улогите во филмот, го најавува снимањето кое се одвиваше во Танушевци
Новиот филм на Митко Панов е целосно албански, а се води како копродукција меѓу две негови продуцентски куќи
Сунчица Уневска
Филмот на Митко Панов „Војната заврши“, чие снимање се одвиваше во текот на мај и јуни во Македонија и во Швајцарија, моментно е во фаза на постпродукција во Швајцарија, а се очекува да излезе до крајот на годината. Така напиша новинарот на „Вараети“, Мартин Блејни, по учеството на Митко Панов на тукушто завршениот фестивал во Локарно, најавувајќи дека ова е првиот проект кој влезе во продукција, а кој беше развиен на програмата „Вавилон“, што беше и поводот за неговото претставување на фестивалот. „Утрински весник“ веќе објавуваше дека „Војната заврши“ беше единствен проект од Балканот кој во 2007 година беше избран за учество на првата работилница на „Вавилон“. Станува збор за нова европска иницијатива за развој и продукција основана на фестивалот во Локарно од страна на Англија, Франција и Германија, во чиј фокус се филмски автори и теми од доменот на дијаспората.
Инаку, тоа не е прва работилница на која се развива овој проект. Тој се развива од 2005 година, веќе е маѓународно препознатлив, а Митко Панов има навистина висок углед во странство. Токму затоа и е нејасно зошто овој проект, кој ја доби поддршката на Министерството за култура лани и на Филмскиот фонд оваа година, е проследен со доста небулозни и нејасни ситуации. Како таа дека сеуште нема копродуценти, иако кога конкурираше најавуваше копродукција на четири земји или таа дека филмот сега се води како копродукција меѓу „Камера 300“ од Швајцарија и „Пиреј филм“ од Македонија, и двете со сопственост на Митко Панов.
„Војната заврши“ првенствено беше претставен на Холандскиот копродукциски форум во Утрехт во 2005, потоа на „Синелинк“ во Сараево 2006, па на белградскиот копродукциски пазар Б2Б и на работилницата „Вавилон“ во 2007 година. Панов го најавуваше како швајцарско-француско-македонско-бугарска копродукција и цело време како копродуценти се наведени Сојузниот филмски фонд на Швајцарија и Регионалниот филмски фонд на Цирих. Но, потоа излезе дека овие два фонда му дале минимална поддршка за развој и дека проектот воопшто нема копродуценти. Како што ни рече Дејан Илиев, директорот на македонскиот Филмски фонд, кој застана целосно зад овој проект, Панов ги загубил копродуцентите чекајќи ја поддршката од Македонија. Но, тогаш кога се вклучи Македонија, а тоа беше лани, одобрените средства од 160 илјади евра беа мали, па се чекаше и следниот конкурс со кој на „Војната заврши“ му беа одобрени уште 200 илјади евра. Но, и тоа не е доволно ако нема копродуценти без кои филмот не може да се комплетира.

Интересирањето за овој проект е големо и поради патот кој веќе го измина, а и поради авторот Митко Панов, кој е добитник на „Златна палма“ во Кан во 1991 за неговиот краток филм „Со кренат�� раце“. Познат е и неговиот краток филм „Ливада“ со кој Панов учествуваше на најголемиот фестивал на краток филм Клермон-Феран во Франција, каде што ја освои и Специјалната награда на жирито. Меѓутоа, факт е дека интересирањето за „Војната заврши“ доаѓа и поради тоа што ова е македонски филм кој е целосно на албански јазик и кој во фокусот има една албанска имигрантска приказна. Иако ова не е прв македонски филм на албански јазик кој го финансира државата, како што Панов го претставува надвор, бидејќи првиот беше „Татко“ на Шќипе Нуредини (кој за жал уште никој не го видел, бидејќи сеуште бара пари за довршување). Па, сепак, ова дефинитивно е прв македонски филм кој се занимава со судбината на едно албанско семејство од Косово, кое ќе ја напушти земјата и ќе замине за Швајцарија по бомбардирањето на Србија и големата хуманитарна криза во 2001 година. Поточно, прашањето со кое се занимава Панов во овој филм, е што се случува со добриот човек кога мора да опстојува под силен притисок на војна, егзил и депортација?
Како што понатаму пишува „Варајети“, она што исто така го прави занимлив овој проект, е што тој е и прва македонско-швајцарска копродукција и што ова е првиот балкански филм кој е снимен на новите РЕД ХД камери. Интересно е дека, како што известува Панов, производителите на РЕД камерата сакале да вклучат материјал од филмот на нивниот промоциски сајт...
Имено, токму поради сите овие работи, големи фондови и промоции не се јасни многу нешта поврзани со овој филм. Прво, тоа што излезе дека нема копродуценти, па тие мораат да се бараат откако македонскиот Фонд даде пари и откако снимањето почна. Потоа, што овој филм инсистираше на македонска поддршка и тоа како базична, а во него нема ништо македонско, тој е целосно албански иако албанските копродуценти се повлекоа од него. Како и последното сознание дека овој филм се води како копродукција меѓу „Камера 300“ од Швајцарија и „Пиреј“ од Македонија, а и двете се продукциски куќи на Митко Панов.
Инаку, Панов со години наназад се жали дека не добива поддршка од македонското Министерство за култура, но сега кога ја доби излегоа многу нејасни нешта. Навистина е чудно и непотребно сето ова, особено со оглед на меѓународната препознатливост и високиот рејтинг кој надвор го ужива Панов, а кој сега, кога после многу години успеа да дојде до прв игран филм, посебно би требало да се бори да го задржи. |