Воени хеликоптери го гаснат пожарот на Беласица

СТРУМИЦА - На планината Беласица кај Струмица и вчера беснееше големиот шумски пожар. Тој не е ставен под контрола, иако два дена непрекинато, во неговото гаснење учествуваат пожарникарите од Струмица, и вработените од Шумското стопанство „Беласица“, односно комуналното претпријатие „Комуналец“. Пожарникарите велат дека гаснењето на пожарот оди бавно и тешко поради непристапниот терен, а силниот ветер постојано го шири кон селото Куклиш. Откако видоа дека пламените јазици им се доближуваат, жителите со трактори и други средства, од вчера се вклучија во борбата со огнената стихија. „„Не обзема страв кога гледаме како ветерот го носи пожарот кон селото. Затоа од изутрина се собраа стотина луѓе и со трактори заминаа горе, во планината да помогнат во гаснењето на пожарот“, изјави Томе Дрвошанов, жител на селото Куклиш.
Во гаснењето на пожарот на планината Беласица од вчера се вклучија и два хеликоптери на АРМ. Од засега непознати причини, пожарот на планината Беласица избувна во саботата околу 15 часот. Според првичните процени, досега изгореле над 400 хектари дабова и букова шума. Од вчера под контрола е ставен пожарот над селото Николич кај Дојран. За два дена таму изгореа над 150 хектари нискостеблеста шума. (Е.П.) |