Клима-уредите ја запалија струјата

Додека граѓаните се ладат, растe потрошувачката на струја и бројот на дефекти во мрежата
Маја Томиќ
Речиси неподносливите тропски горештини во изминативе десетина дена, кои достигнаа и до 39 Целзиусови степени, ги принудија граѓаните, како и фирмите, што повеќе да ги вклучуваат клима-уредите за да се разладат и да можат да работат. Климите, секаде каде што ги има, работат турбо од раните утрински часови па до вечерните. Затоа и не чуди што речиси секојдневно има испади во дистрибутивната мрежа, која е пооптоварена од вообичаеното.
Иако од „ЕВН Македонија“ негираат дека испадите и прекините на струја се резултат на масовната употреба на еркондишните, сепак, е очигледно дека тоа има свое влијание. Бидејќи, посебно во потесното централно скопско подрачје, каде што се сконцентрирани поголем број фирми, дуќани и станбени згради, во изминатите две недели има секојдневни куси прекини на струја. И вчера претпладне, но и во попладневните часови, повеќе згради во Дебар Маало беа без струја, како и делот од центарот покрај улицата „Даме Груев“, каде што и завчера немаше струја во траење од околу еден час.
Од „ЕВН Македонија“ потврдуваат дека поради големата употреба на клима-уредите е зголемена потрошувачката на струја во изминатите денови. Според податоците од компанијата, на 14 јуни потрошувачката во земјава изнесувала 14 милиони киловат-часови, додека истиот ден минатата година таа била 11,5 милиони квч. Најмногу струја се потрошило во Скопје, дури 5.800 киловат-часови, или околу една третина од вкупно потрошената пред три дена. Главна причина за разликата, односно за поголемиот број потрошени киловат-часови во споредба со истиот период лани, е тоа што минатиот јуни температурата изнесуваше 28 Целзиусови степени, а сега е потопло за десетина степени. За илустрација, лани на 12 јуни биле потрошени 13.166.540 квч. струја, а годинава на истиот ден потрошувачката изнесувала 13.445.772 квч.
„Податоците од анализата на потрошувачката и на висината на температурите во изминативе денови, во споредба со истиот период лани, речиси и не покажуваат драстични разлики. Како што се зголемува температурата, сукцесивно, но не драстично, расте и потрошувачката на електрична енергија“, вели портпаролот на „ЕВН Македонија“, Атанас Ковачевски.
Тој информира дека во последните неколку години во Македонија нивото на потрошувачка на струја во летниот период константно е со мали нагорни варијации во потоплите денови. Разликите се од плус два до плус три отсто.
„Дефектите што се случуваат не се поради зголемената потрошувачка на струја. Станува збор за инцидентни случаи, што не значи дека се предизвикани од растот на потрошувачката. Почесто се можни дефекти во урбаните места, каде што инсталираната топлификациска мрежа истовремено се користи и за работа на клима-уредите преку летото, што е почесто пример во деловните објекти. Тоа може да биде дополнителен товар за дистрибутивната мрежата во овој период“, посочува Ковачевски. |