Прв пораз за кошаркарите на Литванија

Литванците доживеаја неочекувано висок пораз од Австралија - 106:75
Селекцијата на Литванија која влезе недоволно мотивирана во рамките на последното 5. коло на кошаркарскиот турнир во Пекинг, го доживеа првиот пораз во групата А, од одлично мотивираната селекција на Австралија со 106:75, која го оствари третиот триумф на турнирот. Во новата победа, кошаркарите на Австралија ги предводеше Eндрју Богут кој натпреварот го заврши со 23 поени (и шут од игра 10/12). На спротивната страна, во составот на Литванија, подобар од другите беше Кшиштоф Лавринович кој застана на 16 постигнати поени. Пласманот во четврт-финалето со убедлива победа го потврди и тимот на Хрватска која му нанесе катастрофален пораз на тимот на Иран од 91:57. Од оваа група вчера доцна попладне се одигра и мечот Аргентина - Русија кој немаше поголемо натпреварувачко значење откако Русите ги загубија шансите за пламсна во четврт-финалето.
На останатите средби од ова коло беа постигнати помалку или повеќе очекуваните резултати и немаше поголеми изненадувања. Дрим-тимот на САД и понатаму е составот кој остави најсилен впечаток на турнирот и во првиот круг Брајант и другарите едноставно речено се прошетаа низ квалификациите.
Бројните забивања, атрактивни потези, брилијантски точните акции, шутерско шоу и одлична игра во фазата на одбраната и понатаму придизвикуваат најмногу воздишки во преполната сала, која не може, а да не ги поздрави мајсториите на големите познавачи на кошаркарската игра кои доаѓаат од САД. Пред почетокот на четврт-финалната разврска е се поочигледно дека Американците немаат посериозен противник на турнирот и засега се единствените претенденти за освојување на првото место на кошаркарскиот турнир. Вчера доцна попладне овој тим го одигра последниот меч од првиот дел против составот на Германија. Во нивната група, вчера, фаворитите стигнаа до очекувани победи. Тимот на Грција славеше против домаќинот на ЛОИ, составот на Кина со 91:77, и покрај тоа што френетичната публика во салата на секој начин се обидуваше да ги понесе Јао Минг и другарите до нов триумф пред четврт-финалната пресметка на кинезите со силната селекција на Литванија. На вториот меч од групата Б, составот на Шпанија лесно и убедливо славеше против Ангола со 98:50. За Шпанците предводени од Пау Гасол оваа средба беше само полесно загревање за четврт-финалната пресметка со составот на Хрватска. Четврт-финални двојки, Литванија - Кина, САД - Австралија, Грција - Аргентина и Шпанија - Хрватска. |