МАГАЗИН
Негативец само на ТВ-екраните

Зијад Грачиќ ја стекна популарноста со сапуниците, а последен ангажман му е во серијата „Закон на љубовта“
АНДРИЈАНА РИСТЕСКА
Шармантниот гад, како што многумина го нарекуваат Зијад Грачиќ, зад себе има многубројни улоги во хрватските сапуници, а публиката неодамна го запозна и како Звонимир Перковиќ, сопственик на адвокатска корпорација во серијата „Закон на љубовта“. Со него стапивме во контакт преку електронска пошта, а брзите одговори ни посведочија за неговиот професионализам.
Френки Фишер во „Љубов во офсајд“, Анте Драган во „Обични луѓе“, Јосип Јуриќ во „Гордоста на Раткаеви“ и Звонимир Перковиќ во „Законот на љубовта“ се улогите по кои им станавте познат и омилен негативен лик на гледачите. Ви пречи ли што секогаш играте негативец и колку сте таков во приватниот живот?
- За среќа, за мојата сопруга Катарина и за моите деца не сум таков какви што се моите улоги. Сите тие луѓе се напишани и замислени како многу амбициозни, па во таа карактерна црта не сме целосно исти. За разлика од нив, јас барам и начин и средства како да ги остварам тие амбиции. Токму поради тоа не ми пречи што отелотворувам негативци, бидејќи ми е интересно да поминувам низ ситуации кои не би си ги дозволил во приватниот живот.
Во серијата „Законот на љубовта“ ја толкувате улогата на адвокатот Перковиќ, традиционален и конзервативен лик. Ви беше ли тешко да ја одиграте таа улога?
- Фактот дека живееме во турбулентни времиња и секојдневно сме бомбардирани со актери каков што е Звонимир Перковиќ многу ми ја олесни задачата, затоа и не наидов на големи препреки.
Покрај негативец, важите и за голем заводник на малите екрани. Како реагираат Вашата сопруга и децата на љубовните сцени во сериите?
- Мислам дека со текот на годините успеав да влеам дове��ба кај моето семејство, а и тие ситуации не се толку деликатни поради што би требало да се грижи.
Кажете ни нешто за снимањата и соработката со АВА, односно што ви е најбитно за една сапуница? Всушност, Ви пречи ли да играте во сапуници?
- Сигурно дека секогаш ќе ги паметам соработката со АВА и нејзиниот продуцент, кој е доста пријатен и професионален во она што го работи. Покрај тоа, тука е и широкиот аудиториум на сите бивши ЈУ-простори. Тоа е најважна и најбитна работа во нашата професија. Воедно, тоа е она што ни причинува задоволство во овој ангажман, но и можност за полесно да поминеме низ сите зададени ситуации.
Велите дека подобро се снаоѓате во театарот отколку пред камерите. А што е со предавањето глума и сценски говор на Академијата во Осиек? Колку Ве исполнува тоа и каков сте како професор?
- Педагошката работа од година во година се' повеќе ме исполнува и освежува. Тоа е целосно ново искуство (работата со студенти) што го користам за извршување на моите актерски потреби. Младите луѓе ме полнат со потребната енергија, а за возврат им нудам и давам информации што ги стекнав благодарение на искуството во театарот и пред камерите. За тоа каков сум како професор, мора да ги прашате тие млади луѓе.
Кога сме кај децата, можете ли да ни кажете како се снаоѓате во улогата на родител?
- Тоа е многу важна и тешка улога. Всушност, тоа е мојата најодговорна задача. Јас и мојата сопруга Катарина навистина се трудиме докрај да ја одиграме улогата и да ја оправдаме довербата што ни е дадена. Децата се највредната работа во животот на луѓето.
По шеснаесет години брак, отидовте на меден месец. Им го препорачувате ли тоа и на другите?
- Да, малку се пошегувавме, па нашето патување во Париз го нарековме така за да го направиме уште поромантично. Тоа беше полн погодок. А што се однесува до уживањата, патувањата ги ставам на прво место, кога запознаваш и гледаш нови работи, задоволството е поголемо. Тоа му го препорачувам секому.
Што правите во слободно време?
- Морам да признаам дека имам малку слободно време, а кога ќе го најдам, тогаш во зима скијам, а во лето нуркам.
За крај, кои се Вашите планови во иднина? Можеби некоја позитивна улога?
- Во блиска иднина, што се однесува до приватните планови, би требало да се преселам во нов стан. А што се однесува до работата, сконцентриран сум на завршување на снимањето на серијата и извршување на обврските на Академијата. Сепак, најмногу сум насочен кон својот голем актерски предизвик во матичната театарска куќа. Имено, во почетокот на 2009 година би требало да почнам да работам на претставата „Дантеовата смрт“, каде што ја играм главната улога, на францускиот револуционер, кој би можел да се нарече позитивен лик поради својата заслуга и постапките. |