И Бразил влезе во математичкиот фудбал

Маикон речиси од мртов агол го постигна првиот гол за Бразил и ја отвори дебатата дали и удри контра на физиката или, пак, е виновна „Јабулани“
Наум Котевски
Сите со душа го чекавме Бразил за да ни ја намали мозочната иритираност од шахот, а не фудбалот во Јужна Африка. Ама, сме ја немале таа среќа, барем сега засега, за натаму кој знае.
Иако, пред мечот ��о Северна Кореја бевме запознаени со фактот дека овој состав на „кариоките“ е најевропски досега, особено поради селекторот Карлос Дунга, кој ниту кога самиот играше не и беше наклонет само на убавината, туку и на рационалноста и ефективноста, очекувавме нешто повеќе од земјата во која без претерување фудбалот е на највисокото место на пиедесталот на вредности.
И досега на повеќето светски првенства се играло резервирано, бидејќи на најголемата спортска сцена влогот е најголем. Но, сега очигледно работите излегоа од контрола. Бизнисот, парите, спонзорите влијаат на фудбалската декаденција, но прашање е, особено кога станува збор за националните селекции, дали само тоа е пресудно. Има нешто и во науката, во која од акција без офсајд се претопи фудбалот. Сите репрезентации им робуваат на современите стратегии од една страна, а ја базираат играта на новите фудбалери создадени во медицинските лаборатории од друга. Веројатно и затоа се случува своевидно приближување меѓу првата репрезентација во светот Бразил и најслабата некогаш рангирана репрезентација на светските првенства 105. Северна Кореја.
„Кариоките“ се врзани со синџирот на новиот тренд на 4-4-2, 4-3-2-1, 4-3-3 (ги има уште неколку!), а Кореја како и останатите репрезентации со помало фудбалско знаење ја користат физичката подготвеност, која е неминовна предиспозиција за да се оствари огромната желба, па и нивната неспорна храброст да види бел ден. Затоа и умреа деновите кога се победуваше со 6:0!
„Абе, да ги пуштиш Бразилците и да им кажеш играјте како што знаете ќе беа далеку подобри“, беше реалниот коментар на еден овдешен навивач на Бразил.
Инаку, ваквиот тренд бездруго носи еден сосема поинаков фудбалски амбиент во кој навивачот иронично се одушевува од послабите. Затоа и не се чудите што ѕвезди на денот ни беа Нов Зеланд и Северна Кореја, а првите одиграа 1:1 со Словачка со гол во 90 минута, а вторите загубија.
Како и да е, Бразил како и Аргентина, Италија, Англија не прикажа добар фудбал. Робињо, Елано (кој еден период беше заборавен фудбалер, ама Дунга добро го „снимаше“ во Галатасарај) и Маикон беа на ниво, за разлика од Кака. Да ја прашате реаловата ѕвезда што и каде играше сигурно и самата нема да знае што да ви одговори.
Бразил осми пат по ред победи во првиот натпревар на Светските првенства, ама тоа нема да биде позапаметено од солзите на синот корејски - родениот во Јапонија Тае Се Јонг, најрасположениот играч на Северна Кореја, а со Јонг Јо Хонг прва ѕвезда на репрезентацијата. За време на химната плачеше како мало дете и ги освои симпатиите на сите, особено на својот лидер Ким Јонг Ил.
„Плачеше поради убавиот фудбал досега, но тоа е другиот пар на ракавици. Долги или кратки не знаа�� ниту Бразилците“, се пошегува еден новинари, а некои навивачи на интернет беа посериозни: „Жално е да се види 20 годишно момче како плаче на химната на земјата во која најлошо се живее. Тоа е последица на испраниот мозок и поттурањето под нос на ликот на владетелот и знамето, кое во Северна Кореја почесто се гледа од храната во чиниите“.
Како и да е, ниту еден од Се Јонг и Јо Јонг не беше стрелец за Северна Кореја. Таа заслуга оди кај Ји Јун Нам, кој во 90 минута ја валоризираше точната акција, затворајќи им ги устите на сите кои велеа дека тотално изолираната земја во последните декади нема да постигне гол на Мундијалот.
„По 90. минути со Бразил имаме уште поголема самодоверба. Важно е што немавме страв. Бразил, сепак, е најдобриот тим. Успеваме да ги одбиеме неговите напади“, изјави селекторот Ким Јонг Сун, чија Северна Кореја за прв пат по 44 години настапува на СП и додава дека е оптимист во дуелите со Португалија и Брегот на Слонова Коска. Мечот меѓу овие две репрезентации заврши 0:0, но тимот на Свен Јеран Ериксон докажа дека е единствената надеж на африканскиот континент. Дрим тимот од Европа (Диндане (Портсмут), Жервињо (Лил), Зокора (Севилја), Јаја Туре (Барселона), Кеита (Лион), Дрогба (Челзи)...) ја имаше Португалија в рака. Но, и нему како и на останатите африкански репрезентации барем засега му фали тој последен фин допир со топката, за да не отиде невидената сила во депонија. За разлика од африканските репрезентации азиските може да се пофалат со тоа подобро финале. Пример за тоа беше мечот Јапонија - Камерун (1:0).
„Беше тежок натпревар, без многу шанси за гол. Сепак ние ги имавме позрелите. Среќен сум поради играта на мојот тим. Бевме организирани и дисциплинирани сите 90 минути“.
Во 66. минута кај Брегот Слонова Коска влезе Дидие Дрогба со медицинска заштита на повредената рака. Тоа, според, ФИФА досега не беше дозволено, ама како што вели ироничниот португалски селектор, Карлос Кеирош, ФИФА „кој знае од какви причини се држеше до максимата дека за се има прв пат“.
Но Кеирош може да се вади со се' и сешто, но факт е дека неговата репрезентација потфрли. Тоа го кажуваат и португалските новинари кои најголемите оценки (7,5) им ги дадоа на дефанзивците Едуардо, Переира, Коентрао, Фереира и Карваљо. Да речеме, Роналдо доби седмица, а Деко шестка. Вториов, сега веќе избркан член на Челзи остро го критикуваше Кеирош за тактиката. „Ми кажа да играм на десната страна каде никогаш не сум играл. А, и идејата со долгите топки не беше баш сјана“, отворено зборуваше Деко.
А, ние отворено во нелогично „идно минато време“ сакаме Шпанија вчера да ви го разведрила фудбалското шаховско небо! |