„Госпоѓица Јулија“ замена за скандалозната „Алкмеон од Коринт“

По скандалот со „Алкмеон од Коринт“, Битолски театар сепак ќе учествува на „Охридско лето“ со претстава
Наместо со премиерата на претставата „Алкмеон од Коринт“, по финансискиот скандал кој изби помеѓу британско-ирскиот креативен тим кој работеше на проектот и раководството на Битолскиот театар, овој театар на „Охридско лето“ ќе се претстави со „Госпоѓица Јулија“ од Стриндберг, во режија на Благој Мицевски, која ќе биде изведена вечерва, во 21 часот, на малата сцена на Домот на културата „Глигор Прличев“ во Охрид.
Битолскиот театар минатиот викенд прати официјално соопштение до фестивалот „Охридско лето“ во кое информира дека премиерата на „Алкмеон од Коринт“ нема да излезе, а како замена за овој проект предложи да биде избрана една од претставите од тековниот репертоар.
„Во саботата заседаваше Управниот одбор на ’Охридско лето’ и на мој предлог едногласно беше усвоена одлуката Битолскиот театар сепак да се претстави на фестивалот со ’Госпоѓица Јулија’, пред се' заради публиката која во голем број го следи фестивалот, да и се овозможи да присуствува на планираниот број настани од областа на театарот“, вели селекторот на драмската програма и претседател на „Охридско лето“, Ѓорѓи Јолевски.
Кога станува збор за изборот токму на оваа претстава, Јолевски вели дека „Госпоѓица Јулија“, покрај тоа што е успешен театарски продукт, истовремено е класика која се вклопува во концептот на фестивалот и со тоа се запазува духот на драмската програма.
Со вечерашната изведба на „Госпоѓица Јулија“ се затвора драмскиот дел од програмата на „Охридско лето“. Разрешницата пак на „Алкмеон од Коринт“ ќе се случи на суд. (Л.М.) |