ИНТЕРВЈУ
Во болниците ќе нема лек со доплата

Ѓорѓи Тренковски, директор на Фондот за здравствено осигурување
Јасмина Јовановска
По воведувањето на референтните цени пациентите се жалат на високи доплати, па велат дека мора да ги користат само најевтините лекови. Зошто при одредување на референтните цени ги избравте најниските, било да се тендерските или, пак, единствените?
За одредување на референтните цени мораше да се испочитува регулативата, а таа е токму таква како што споменувате. Во иднина има простор за корекција на референтните цени, но исклучиво со почитување на законската регулатива и интересите на граѓаните. И во ЕУ веледрогериите многу често реагираат на висината на референтните цени, но тоа е добар инструмент за контрола на цените на лековите.
Но, зошто се заобиколи формулата за пресметување референтни цени и за повеќето референтни цени на лековите се прифатени тендерските цени?
Точно е дека повеќето од референтните цени се тендерските, зашто досега имавме тендер и сакавме да се задржат нивото на цените и стабилноста што ја даваа тендерските цени. Одредувањето на референтните цени според формулата се подготвува и ќе се реализира. Не стартувавме веднаш со формулата за да нема поголеми потреси во реформите и на цените на лековите на пазарот. Сегашниот модел е само почетна фаза за воспоставување на референтните цени и за околу шест месеци се планира да се коригираат.
Ако системот не беше готов, зошто тогаш се брзаше со воведувањето на референтните цени?
Не се брзаше, туку тоа е природниот тек - тендер, па преодна фаза, па уште еден тендер. Сега има систем кој е долгорочно стабилен, а за цените може да се преговара и ќе се менуваат. Референтните цени се реформа и благодат кој долго се бараше од стручните кругови во Македонија. ФЗОМ во последните две години успеа да ги уништи практиките на огромни маржи и заработка на грбот на граѓаните и значително да ги намали цените на лековите. Лани, според податоците од Заводот за статистика, цените на лековите беа со најголем пад од сите индустриски сектори.
Како ќе се спроведуваат референтните цени на лековите од болничката листа. Дали и тука на болните ќе им се нудат само најевтините лекови и кој ќе ја плаќа доплатата?
Очекуваме на пациентите да им се издаваат лекови согласно со медицина базирани на докази, а во болниците знаете дека нема доплати. Во болнички услови се употребуваат лековите што ги избираат болниците и лекарите. А болничките пациенти мора да примаат лекови базирани на медицина на докази. И тука нема лек со доплата, зашто пациентот не избира лек.
Што ќе се случи ако пациентот си купи лек и го прими во болница. Кој ќе доплати?
Тоа не смее да се случи. Затоа што се надевам дека со примена на референтните цени драстично ќе се намалат цените на лекови и повеќе пациенти ќе може да се лекуваат. Значи, лек со доплата во болница нема, доплатата е на болницата. ФЗОМ веќе не спроведува јавни набавки за болниците. Болниците се должни сами да спроведат набавки и да обезбедат лекови и потрошен материјал за пациентите.
Значи, лекарите избираат, но ако е скап за нивниот буџет, нема да го набават?
Лековите сами ги набавуваат, а референтните цени се само насока за нив. А пациентите мора да се лекуваат според медицина базирана врз докази.
Што е со оние што мора да трошат скапи лекови, како што е на клиниките за онкологија, ревматологија, на Клиниката за нервни болести? Референтните цени се повисоки од оние по кои тие сега ги набавуваат. Дали и од овие референтни цени, кои се тендерски, ќе барате пониски?
Има простор за намалување, зашто на пример на Клиниката за онкологија се' уште се набавуваат лекови со повисоки цени од референтните.
Кој ќе контролира дека поради немање пари, место понова генерација, на пациентот ќе му се даде постара генерација лек?
Тоа не смее да се случи. Зашто мора да се лекуваат во согласност со медицина базирана на докази и одговорноста ќе биде на стручниот директор.
Каков ефект ќе има намалувањето на здравствениот придонес врз здравствената каса ако не се воведе бруто-плата?
Во програмата на Владата јасно стои дека се воведува концептот на бруто-плата. Сметаме дека е подобро прво да се воведе исплата на бруто-плата, а потоа да се намалат стапките на придонесите, со што ефектот за граѓаните би бил максимален. Со овој редослед на реформите, и намалувањето на приходите во ФЗОМ ќе биде со намален интензитет. Очекувањата се дека ќе има значително реално зголемување на платите, што може да ги ублажи намалените стапки на придонес за здравственото осигурување. Впрочем, во оваа една и пол година беа донесени пет мерки за намалување одредени елементи на здравствениот придонес, а буџетот на ФЗОМ го зголемивме од 15 на 20 милијарди денари.
Ние сме големи поборници на овој концепт како одлична можност за поедноставување на исплата на плати и намалување на можната евазија на придонесите. Позитивните ефекти од оваа мерка ќе ја почувствуваат и работниците и бизнисите. Никако не е точно дека воведувањето бруто-плата значи намалување на исплатата на работниците за хранарината и за превозот. Напротив, со воведување бруто-плата и потоа со намалување на придонесите веднаш ќе се зголеми нето-платата за работниците, што е и цел на оваа реформа.
Кој ќе им гарантира на брачните парови дека за вештачко оплодување ќе плаќаат само партиципација, кога на пример во „Мала Богородица“ за првиот обид само интервенцијата чини 110.000 денари, плус 90.000 денари хормонска терапија, а Фондот одреди 80.000 денари референтна цена?
ФЗОМ редовно го контролира спроведувањето на договорите со секоја здравствена установа и согласно со нив презема мерки доколку тие не се почитуваат. ФЗОМ на брачните парови кои ќе влезат во програмата за вонтелесно оплодување им гарантира бесплатна услуга во здравствените установи со кои склучуваме договор, освен партиципација. ФЗОМ ќе понуди огромен број оплодувања за нашите осигуреници и очекуваме двојно зголемување на бројот на вонтелесни оплодувања од досегашниот. ФЗОМ ќе плаќа директно за здравствените установи, така што осигурениците немаат потреба да размислуваат за цената на ФЗОМ кон здравствените установи. Во Македонија оваа година очекуваме прекин на трендот на намалување на породувањата и почеток на тренд на нивно зголемување. Оваа мерка очекуваме да биде придонес кон тој тренд.
Кој ќе го плаќа вториот директор во Фондот – вие или Владата и што очекувате од Вашиот колега?
Владата има програма за работа на јавните установи и согласно со таа програма беше предвидено и ФЗОМ да има втор директор. Очекуваме со искуството што го носи вториот директор од земја-членка на ЕУ да се обезбеди делумно растоварување и поделба на бројните задолженија. Владата целосно ја спроведува програмата, со што очекуваме значително подобрување на стандардот на нашите граѓани.
Тендерот за опрема се развлече. Ако се подели тендерот и сега се набави една опрема, а потоа другите апарати, дали ќе може така расцепкано Фондот да ја исплаќа, зашто планот беше поголем пакет поевтини апарати?
ФЗОМ во последната година од обезбедувањето на финансиската стабилност, редовно и секојдневно ги исплаќа сите свои обврски, а така ќе биде и понатаму. Тенд��рот за медицинска опрема е најважната алка за модернизација на јавното здравство. Со него очекуваме конечно да пристигнат и кај нас врвна медицинска опрема и знаење и да им овозможиме на нашите пациенти врвна медицинска дијагностика за рекордно време. Тендерот го води друга институција, а ФЗОМ има обврска за исплата. |