ЕДИТОРИЈАЛ
Куршумот од Балтимор и овдешните желки
Роберт Димитриевски
Мајкл Фелпс, Усеин Болт и Елена Исинбаева со своите феноменални постигнувања на 29. Олимписки игри во Пекинг деновиве ги натераа за спортот да зборуваат и тие што претпочитаат прошетка в парк, денгубење под чадорот за сонце на плажа или ладно пивце пред кооперација. „Куршумот од Балтимор“, како што го нарекоа Фелпс, го урна митот за седумте златни медали на Марк Шпиц со исто толку светски рекорди на Олимпијадата 1972 во Минхен. Американецот во Пекинг исплива до осум злата, комбинирани со седум најдобри планетарни резултати и со еден олимписки рекорд, а заедно со шесте злата од Атина 2004 стана најуспешниот олимпиец во историјата. Прекарот куршум ништо помалку не би му прилегал ни на спринтерот Болт од Јамајка, кој во спектакуларното финале на 100 м, во кое дури шестмина трчаа под 10 секунди, истрча неверојатни 9,69 сек., поправајќи го за три стотинки сопствениот светски рекорд од 31 мај годинава. Ако не се обѕрнуваше за да види каде се ривалите и ако не почнеше да слави со кренати раце во последните 20 метри од трката, кој знае каде ќе му беше крајот на најбрзиот човек на сите времиња, кој на својата земја и' го донесе првото олимписко злато во една од најпрестижните атлетски дисциплини. И Русинката Исинбаева се придодаде на ова друштво со новиот светски рекорд во скок со стап од 5,05 м.
Пливачките натпревари, каде што паднаа дури 23 светски рекорди наспроти само осумте во Атина пред четири години, како и трите планетарни рекорда во првите четири дена од атлетската програма, го обележаа досегашниот тек на Игрите во Кина. Со вонсериски достигнувања рефлекторите на светската спортска јавност врз себе ги вперија и пливачките Стефани Рајс од Австралија со трите злата и Натали Кафлин од САД со шесте медали, потоа гимнастичарот Јанг Веи од Кина со двете злата и со едното сребро итн. Дожд од светски рекорди донесоа и натпреварите во кревање товар и во стреличарство.
Известувачите од Олимпијадата мака мачат кому да му дадат предност од армијата натпреварувачи со врвни достигнувања во своите спортови или спортски дисциплини. Со претставниците од Македонија немаат таков проблем. Ниту еден од шестемина од седумчлената македонска репрезентација што продефилираа до вчера не се одлепи од дното во својата конкуренција. Македонија заслужи медиумски третман само непосредно пред почетокот на ОИ, но од неспортски причини, односно поради натегањето под кое име ќе се појави на свеченото отворање.
Тони хартија потрошија спортските пера од ова поднебје за да ја одгатнат мистеријата зошто додека другите трчаат и пливаат како куршуми нашите спортисти потсетуваат на желки, па излишно е по милионити пат да се преџвакува застоената манџа. Доволно е само да се фрли поглед врз листата од триесетина стипендисти на Агенцијата за млади и спорт. Со сиот респект, но кој слушнал, на пример, за Бошко Божинов, кајакар на диви води со договор за стипендирање до 2015 година!? Што да се каже, шак, за уникатната пракса на македонската држава од скромниот буџет наменет за спортот да им и��плаќа паричен надомест на странци, како во случајот со ракометарките Јелиз Озел од Турција, Наталија Борисенко од Украина и Ана Каролина Аморим од Бразил, и тоа до февруари 2009?
Со ваков приод кон дистрибуцијата на спортскиот денар не е ни чудо што само двајца од седумтемина македонски олимпијци во Пекинг дојдоа со исполнета норма. Затоа и ќе слушаме од македонската делегација пофалби за храната и за сместувањето во Олимпиското село, за гостопримливоста на домаќинот и за одушевувањето што се сликале со Ана Ивановиќ и со Новак Ѓоковиќ. Да прескокнеш 14,98 м во една од сериите во трискок, каде што нормата за финалето беше 17,10 м, а светскиот рекорд 18,29 м, не само што не е за фалење, туку не е ни за споменување. |