Бугарија пак ја кодоши Македонија во Брисел

БРИСЕЛ - Бугарија повторно ја кодоши Македонија во Брисел, користејќи уште еден од Македонците со бугарски пасош за да ги девалвира македонските институции и да подготви терен за вето во ЕУ. Бугарските европарламентарци, предводени од Евгениј Кирилов, подготвиле декларација за одбрана на Мирослав Ризински, ексчлен на партијата на Доста Димовска, кој е осуден во Македонија и издржува казна затвор за корупција. Декларацијата била испратена до европската комесарка за правда, Вивиен Рединг, и до европскиот комесар за проширување, Штефан Филе, по примерот на претходната што беше упатена на адреса на Оли Рен за Спаска Митрова, која остана без одговор од негова страна.

Во декларацијата се прави споредба меѓу случајот на Мирослав Ризински и оној на Спаска Митрова, при што се истакнува дека тоа се двајца граѓани на ЕУ, кои служат како лекција за секој што се идентификува како Бугарин во Македонија. Бугарските пратеници побараа од Европската комисија да спроведе истрага за случајот и да даде свое мислење околу тоа.

Кирилов тврди дека за време на посетата на Скопје, во почетокот на годината, бил уверуван дека се разгледува барањето на Софија Ризински да ја одлежи казната во Бугарија. „Но, развојот на случајот досега покажува дека македонските власти замижуваат т.е. нема одговор на официјалното барање од Бугарија. Генерално, ние сме известени дека судењето против него е силно политички обоено“, вели Кирилов, иако Ризински е осуден многу одамна и практично е при крај на издржувањето на казната. (Н.Р.)


#