25.05.2012, 20:57 Саботни муабети
Калиопи, Р.Е.С.П.Е.К.Т. !
Огнен Јанески
Сонот од детството на Опи - гордост за Македонците! Калиопи на сите ни ги затна устите! Сите ние што се изнајадовме тоа што треба и не треба за неа - сега си го голтнавме. На здравје нека ни е!
Искрено, свесни бевме дека ќе поминеме фасцинантно! И сите тоа го знаевме, но Европа го знаеше тоа многу подобро од нас, уште од поодамна. Европа уште од старт реагираше позитивно на нејзините интервјуа, со симпатичното непознавање на англискиот јазик. Та нели на тој што признаваше - пола му се простуваше? Факт е дека хејтеризмот на нашиот народ не препознава (не)квалитет, туку едноставно сакаме секогаш да го избрукаме она што е наше, затоа што немаме доволно самодоверба во себе. Така правиме со сите наши спортски претставници, музички имиња, театарски групи, а истите тие подоцна ги величаме зашто не' направиле горди Македонци! Потсетете се на кошаркарите - како ги „испративме“ и како ги дочекавме. Но нејсе, така било - така и ќе остане. Само што народите, како и човекот мора да се прифатат со сите маани и доблести.
Што се однесува до Евровизијата годинава, страшен е фактот дека најскапата организација досега, колабрираше на првата полуфинална вечер. Азербејџан не беше подготвен за вакво нешто и тоа се забележа. Кристалната Палата е однадвор за восхит, со исклучок на ужасните графички решенија за знамињата на државите пред секој настап. Но, сцената внатре е чисто промашување, поради својата огромност и поради непрактичноста. Азербејџанците (или како што тие си го нарекуваат својот народ - Азерите) сакале нешто да направат, за да се издвојат од останатите организации, како што сака секоја земја, но, јавето лошо им излезе. Водителското трио е едно на најлошите во последните 20-тина години, со оглед на нивната неестетичност и изгубеност.
Тонската неподготвеност, пак, за покривање на една ваква величествена музичка манифестација се виде првата вечер, кога на неколку настапи им откажа контактот на изведувачите со своите режисери, како на пример на Романија. Факт е дека многумина ја „исплукаа“ лошата графика на многу земји, која требаше да има 3Д ефект, но уште поголем е против-аргументот дека тоа е должност исклучиво на режисерите кои ги реализираат настапите, испратени од сопствената држава. Секоја почит кон МТВ1 за годинашната организација за изборот, настапот и за преносот. За прв пат, многу од нас, истиот не го следеа преку РТС1 или ХРТ1.
Втората полуфинална вечер веќе беше далеку подобра и поподготвена, за разлика од првата. Исто така и конкуренцијата на композициите беше далеку поголема од првата, па така, можеме да бидеме посреќни зашто Калиопи триумфираше меѓу фантастични гласови. Единственото нешто, што во јавноста се „излеа“ како информација, а се смета за црна дамка на втората вечер е најавата на иранските терористи дека ќе ја кренеле Кристалната Палата во воздух за време на финалето, а како потврда за некаква закана е токму силното полициско обезбедување насекаде низ главниот град Баку. Нетрпеливоста меѓу етникумите, ете не била само дел од нашето политичко живеење, туку дел и од останатите околу нас.
Сепак, музиката, а особено Евровизија како настан има за цел да ги зближува народите. И има цврсти примери за тоа. Доказ повеќе, како изненадување на многумина е и повикот на бугарската претставничка, Софи Маринова, која јавно преку бугарската телевизија, веднаш по настапот побара од нејзиниот народ да гласа за нејзината сосетка, Калиопи. Македонците и тука повторно бевме со затнати усти! По втор пат вечерта, зашто претходно повеќето здраво ја исплукавме Маринова за нејзиниот лош изглед на настапот, споредувајќи ја со најстариот занает на светот. А баш таа ги повика оние за кои сметаме дека не не' сакаат да гласаат за нас. Иако многумина може ми се смеат на муабетите за тоа дека има многу да се научи од Евровизија и дека тоа не е само еден музички циркус, сепак, ако се погледне подлабоко во суштината на нештата, ќе се воочат големи политички и уметнички лекции. Би го научиле тоа, ако некогаш победиме. Се надевам дека тоа ќе биде годинава, зашто така Владата ќе мора да вклучи евровизиска арена во „Скопје 2014“ - конечно нешто употребливо.
На страна хејтањето - Калиопи, биди тоа што си - своја, единствена, дива, кралица и одживеј го својот сон да победиш на Евровизија. Може тоа нема да се случи, но за нас, твојата комплетност дефинитивно е победа, зашто конечно сите заедно бевме согласни околу едно нешто оваа година - Македонија има на што да се гордее, а тоа е Калиопи и сличните со неа, кои мора да се научиме да ги почитуваме. Со среќа и наклон!
|