Новинарите возвраќаат: Интервјуто на премиерот е скандалозно

Меѓународната федерација на новинарите го осудува „срамниот и неоправдан напад“ врз новинарите од Груевски

Билјана Јовановска

Интервјуто на премиерот Никола Груевски дадено за МИА во кое, одговарајќи за евентуалната промена на ставот поврзан со проблемот на Грција со нашето име, тој директно ги обвинува медиумите, новинарите го оценија како скандалозно. Реакциите доаѓаат и од дома и од странство. Меѓународната федерација на новинарите и нејзината регионална група Европската федерација на новинарите (ЕФЈ) го осудуваат „срамниот и неоправдан напад“ врз новинарите од страна на македонскиот премиер Никола Груевски.

Европската федерација на новинари (ЕФЈ) бара Груевски да се повлече од тој конфронтациски и недемократски пристап. Одговорните медиуми и новинарите се секогаш подготвени да учествуваат во сериозен дијалог за нивната одговорност и квалитетот на нивната работа - но тие никогаш не можат да попуштат пред политичко заплашување.

„Се плашам дека овие неумерени коментари ќе ги доведат новинарите во ризик“, рече генералниот секретар на ЕФЈ Ејдан Вајт. "Политичкиот гнев од овој вид нема да ги реши проблемите на Македонија во регионот и внатрешно; тоа само ќе ги влоши работите".

Германската медиумска групација ВАЦ, која поседува три весници во Македонија, исто така ќе објави соопштение во кое се осудуваат коментарите на премиерот.

Во спорното интервју старо-новиот премиер, меѓу другото, вели: „Во земјата има многу луѓе кои живеат и заработуваат од тоа што ми ги искривуваат изјавите, да прават секогаш анализи со тези што ги оцрнуваат моите изјави и чекори, независно колку се погрешни тие анализи, создаваат клима против мене и против ВМРО-ДПМНЕ. За жал, тоа е дел од стариот начин на водење политика кај нас, а протагонисти се истите оние кои 17 години креираат политики и мислења, па еве до кај не' доведоа“. Без никакви огради Груевски во обвинувањата оди и чекор понатаму, па посочува: „Постои и една мала, но компактна група политичари, новинари, професори, кои веројатно се дополнително мотивирани од страна на соседот за да ме напаѓаат, затоа што се свесни за мојата позиција, која воопшто не им оди во прилог“.

На ваквите изјави вчера остро реагираа луѓето кои работат или соработуваат во медиумите. „Со она што го изјави, премиерот Груевски ја илустрира омразата што ја негува кон македонското новинарство во целост. Се гледа дека таа омраза кај него има патолошки размери и, за жал, таа патологија тешко дека некогаш ќе може да биде излекувана со демократски средства. Оттаму, мислам дека следната фаза на која ќе преминат премиерот и неговата партија во гаснењето на слободата на печатот во Република Македонија ќе биде побрутална отколку вербалните закани“, смета политичкиот аналитичар Сашо Ордановски.

Според Бранко Тричковски, главен и одговорен уредник на неделникот „Глобус“, изјавата на премиерот е скандалозна по две основи. „Прво, тој без каква и да е основа си зема слобода да се меша во работата на новинарите и на уредниците, што, се разбира, не е во согласност со европските манири и, второ, без каква и да е аргументација ги обвинува луѓето од медиумите заедно со една ’компактна група политичари, аналитичари...‘ дека се платеници, односно дека се ’стимулирани‘ од странство. Погледнете го списокот на неподобни личности и структури во неговата политичка агенда: претседателот Црвенковски, опозицијата, еден куп амбасадори, претходниот парламент, Албанците (ДУИ), Грција... Една тажна продукција на непријатели за да може да се скрие сопствената одговорност. Тука е и Северноатлантската алијанса која не' одбила затоа што сме Македонци итн., итн. Нема крај“.

Тричковски ја потенцира неверојатната сличност на системот што го продуцира Груевски и оној што го продуцираше неговиот претходник Георгиевски. „И првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја доведе Македонија во судир со целиот свет за време на конфликтот во 2001 година и беше во судир со сите медиуми. Сега Груевски го прави истото. Тоа значи дека станува збор за закономерност, за изолационистичка закономерност во која системот на Внатрешната македонска (контра) револуционерна организација ги инструментализира поединците, а не обратно. Треба да се организира движење на отпорот, инаку ни нема спас. Во ’Глобус‘ напишав дека системот на Груевски или системот што го користи Груевски ќе не' ослободи од државата ако ние не се ослободиме од него“, дециден е Тричковски.

Во изјавата на Груевски, Бранко Героски, главен уредник на „Шпиц“, гледа затскриени пораки. „Мое мислење е дека Никола Груевски ја подготвува Република Македонија да прифати компромис во спорот со Грција. Неговата комична идеја е компромисот да биде резултат не на негова политичка одлука, туку на мудриот македонски народ кој одеднаш ќе стане свесен и, како што вели, проблемот ќе се надмине со компромис, а бидејќи на народот нема да му биде лесно да го проголта тоа, мора да се најде некого врз кого ќе ја натовари вината. Е тука на сцената доаѓаме ние ’од малата но компактна група‘, кои сме определени да бидеме и виновници на кои, како што се закани, ќе им суди историјата. Жал ми е што Груевски се определи со ваква реторика да го задушува критичкото мислење, дури и сега кога има поддршка од 500.000 избирачи, но тоа само докажува дека Македонија навистина се соочува со сериозен дефицит од демократија и тоа е нешто што сите треба многу, многу да не' загрижи“.

Експремиерот Владо Бучковски, кој е колумнист во весникот „Време“, обвинувањата на Груевски ги оцени како непотребна провокација: „И со критиките во изминатиот период тој стигна до апсолутна власт. Нема потреба сега, кога ја има апсолутната власт, да се обидува да биде диктатор и да диктира кој што треба да прави“.

Вчера се огласи и Здружението на новинарите на Македонија, кое изрази загриженост од делот од коментарот на Груевски во кој новинарите се обвинети дека шпекулираат на штета на сопствената држава, како резултат на желбата за сензационализам. Во соопштението се нагласува дека „ваквиот став непоткрепен со факти и аргументи Здружението го доживува како удар врз слободата на говорот и новинарската професија“. Тие реагираат и на делот од интервјуто во кое Груевски го коментира известувањето на македонските дописници од Брисел и каде што се прашува „зошто се толку мотивирани да шпекулираат на штета на сопствената држава, наспроти желбата за сензационализам, поттикнат од партиска природа, а затскриен зад изразот ’анонимни извори од Брисел‘“.

Новинарското здружение бара Груевски јавно да ги презентира сознанијата што го потврдуваат ваквото негово мислење, а доколку станува збор за паушална оцена, да ја коригира својата изјава, со што ќе придонесе кон надминување на недоразбирањата и можните конфронтации со новинарите и медиумите.