Специјално за „Утрински“
Зошто сте и потребни денес на Европа
Херман ван Ромпуј
Претседателот на Европскиот совет пишува по повод 60-годишнината од Шумановата декларација
Херман ван Ромпуј
Пред 60 години европската историја го смени курсот. На 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман покани земји од Европа, а посебно Германија, да се вклучат во заедничка политичка иницијатива. Така, кусо време по Втората светска војна тоа беше храбар чин за мир и помирување. Како резултат на тоа, војна меѓу европските соседи во Унијата беше незамислива. Силата на привлекување на Унијата го забрза пропаѓањето на комунизмот и крајот на студената војна. Чекор по чекор европските влади наоѓаа начини заеднички да ги решат своите несогласувања. Крвавите бојни полиња беа заменети со преговарачките простории во Брисел. Тоа е напредок.
Назад во деновите на Шуман, Аденауер и другите основачи, ние почнавме како шест земји што работат со јаглен и челик. Денес сме Унија од 27 демократии и 500 милиони жители, опфаќајќи го европскиот континент од Финска до Португалија и од Ирска до Романија. Го споделуваме најголемиот пазар во светот, споделуваме важно законодавство, повеќето од нас имаат заедничка валута, споделуваме граници, споделуваме политички институции, ги споделуваме минатото и иднината. Вие вредно работете за да ни се придружите.
Споделувањето на нештата не е секогаш лесно. Тоа не' наградува, зголемувајќи ги силата и можностите на сите. Затоа го правиме тоа. Сепак, споделувањето, исто така, значи дека понекогаш проблемите на еден влијаат на сите. Кога се работи на заедничка цел во полза на секој треба да се биде подготвен заеднички да се соочуваме со неочекувани незгоди. Солидарноста не значи ништо ако е само за во добро.
Нашата успешна историја не е доволна да се изгради заедничка иднина. Секоја генерација мора одново да биде убедена дека ни е потребна Унијата или дека сака да и' се приклучи.
Зошто 27 земји и натаму работат заедно? Бидејќи 27 влади сфатија дека во денешниот глобализиран свет сами веќе не можат да ги гарантираат благосостојбата и безбедноста на своите граѓани. Оттука, иако не се согласуваат за се', а понекогаш видливо се разликуваат, сите 27 влади го преферираат членството во европскиот клуб место да бидат надвор од него.
Но, зошто им се потребни граѓаните, тие да бидат дел од оваа иницијатива? Бидејќи ниту една влада не може да успее без поддршка од народот. Затоа дозволете ми да зборувам што има во неа за вас и што сака Европа од вас.
Европската унија носи многу практични предности, за потрошувачите, патниците или за претприемачите. Луѓето што веќе се во Унијата денес летаат евтино до градовите и до плажите низ цел континент. Телефонските разговори во Унијата чинат само еден дел од она што беа. Може безбедно да се купуваат производи од која било земја на ЕУ. Кога сте дел од ЕУ, студирањето во странство е лесно достапно. Според тоа, како што ентузијастички укажуваат брошурите од Брисел, Европа отвори простор за слобода и за можности.
Сепак, мора да бидеме искрени. Соочени со криза, како оние со кои се соочуваме деновиве, таквите практични предности немаат доволна тежина. Политичарите треба да даваат убедливи одговори на тешки прашања. На пример: зошто ние, 15 европски земји и ММФ решивме да зајмиме 110 милијарди евра за да и' помогнеме на Грција и да ја обезбедиме иднината на еврото? Или: зошто ние, 27 европски земји, сметаме дека Западен Балкан - регион што толку многу страдаше од една неодамнешна војна - треба да се приклучи во одреден момент? Тие прашања не се само за практичните можности за некои земји; тие се однесуваат на егзистенцијалната стабилност и на мир за сите.
Како претседател на Европскиот совет, каде што се состануваат 27 шефови на држави и на влади за да се справат со изгледите и со проблемите што ги споделуваме ние Европејците, дозволете ми да зборувам во нивно име. Не бараме ентузијазам и мавтање со европското знаме, не бараме да се приклучите во хор за мир. Ние едноставно ја бараме вашата свест. Би сакале да бидете свесни дека кога се преговара за договор или се решава кризата на денот, често пати во прашање се повеќе нешта отколку само договорот, повеќе отколку само кризата. Во кулминацијата на тие моменти, судбината на сама Европа често е во рамнотежа. Заедно го браниме богатството што ни е драго.
Дозволете ми да ве потсетам што браниме. Европејците имаат привилегирано место во светот. На нашите земји им се завидува на нивната политичка стабилност, на нивната благосостојба и нивните социјални системи, за квалитетот на европскиот живот. Половина милијарда мажи и жени што живеат во Европската унија се меѓу најобразованите и обучените луѓе во светот. Ние сме најголема светска сила во трговијата. Тие се достигнувања со кои треба да се гордееме. Тие ја покажуваат нашата уникатна способност да се развиваме со текот на времето, а во исто време да го заштитиме нашето наследство. Се' уште ја имаме таа способност.
Сепак, во еден свет на промени, другите региони се подготвени економски да не' надминат. Во прашање се нашите работни места и нашето влијание. Национализмот или популизмот не дава одговори на овие предизвици. За да ги одбраниме нашите европски вредности, интереси и работните места треба да продолжиме да дејствуваме заедно, а кога дејствуваме поединечно, во заеднички дух. На денешниот свет сме му посебно потребни за да се развие посилна економска политика и пообединета надворешна и климатска политика. Мило ми е што сите членки на Европскиот совет се подготвени да ја преземат таа заедничка одговорност.
Пред 60 години Шуман и другите влегоа во заеднички потфат. Земјите што се вклучија поминаа добро. Веќе не е ограничен на „Брисел“. Станува збор за просперитетот, безбедноста и заедничката судбина на 500 милиони луѓе што живеат во 27 демократии, и на оние што тежнеат да се приклучат, на нашиот прекрасен континент.
Денес ве замолувам само едно нешто, да направите пауза за момент и да сфатите: ние, Европејците, сме заедно во ова. |