Министерот Мизо го копира Тупурковски
Како и Тајван, сега власта ја кани Кина да отвора фабрики во земјава, а потоа да извозува во Европа
Соња Маџовска
Кинеските компании можат да ја користат Македонија како локација за нивен влез на европскиот пазар. Оваа идеја ја промовираше директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, пред неколку дена, при посетата на кинеската бизнис-делегација на нашава земја.
Идејата не е воопшто спорна, но не е оригинална. Некако многу потсетува на онаа на Васил Тупурковски, кој по скандалозното признавање на Тајван во 1999 година, го промовираше токму тоа. Тајванците да дојдат и да отворат фабрики во земјава, а потоа Македонија требаше да им биде отскочна штица за нивните производи во Европа. Тајванските инвеститори не дојдоа, но затоа сега такво нешто им нудиме на Кинезите - евтина работна сила и полесен влез на европските пазари без бариери и квоти.
Се поставува прашањето дали во недостиг на оригинални идеи, власта се обидува да ги оживее старите планови на Циле, кои тогаш беа критикувани како утопистички?
И поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека кога ја слушнал идејата на Мизо, веднаш го асоцирала на крајно нереалната идеја на Циле од пред речиси 10 години.
„Нашите власти повторно гледаат спас во нешто што е нереално. Ова потсетува на пропаднатата идеја на Циле. Македонија, гледано од Кина, е една невидлива точка на која не можеме да и' понудиме, по ниедна основа, нешто поатрактивно, на пример, од другите земји во регионот. Кинеските производи и така веќе го преплавиле светот. А, ако сакаат да бидат поблиску до европските пазари, тоа сигурно можат да го направат и преку Словенија, особено преку Албанија, која последнава година стана поатрактивна за инвеститорите и остварува приливи од крупни странски инвестиции“, вели Хајредини.
Тој прашува како во Македонија ќе дојдат инвеститори од Кина, во услови кога ги бркаме и оние што веќе работат во земјава, како што е ЕВН, па затоа тие ги пренасочуваат инвестициите во Бугарија и во Албанија. „Прашање е дали воопшто годинава ќе имаме странски инвестиции. Повеќе плаќаме за трошоци за министрите и за промоторите кои трчаат по светот да донесат инвеститори. Ташковиќ го откачија, сега очигледно истата судбина го чека и Самак“, прогнозира Хајредини.
Инаку, Кинезите кои Мизо ги поканил да дојдат во земјава и да отворат фабрики, па од кај нас да извезуваат, всушност, поголемиот дел биле трговци, кои барале партнери во земјава за полесно да ги пласираат своите производи на нашиот пазар, велат од Стопанската комора, кои беа вклучени во организацијата на македонско-кинескиот бизнис-форум. Имено, гледано според трговската размена со Кина, со која бележиме огромен трговски дефицит, произлегува дека домашните бизнисмени треба да бараат партнери од оваа земја, за да се зголеми извозот на наши производи на кинескиот пазар. Вкупната размена меѓу двете земји лани изнесувала 316,3 милиони американски долари, од кои дури 315 милиони долари отпаѓаат на увоз, па така покриеноста на увозот со извоз е само 0,5 отсто. Трговскиот дефицит, лани изнесувал 11 отсто од вкупниот дефицит што земјава го остварува во размената со светот.
Очигледно, она што ни е потребно е да се изгради стратегија за позиционирање на македонските производи на кинескиот пазар, а не обратно, порачуваат од Стопанската комора.
Инаку, оваа идеја на Мизо не изненадува, ако се погледне наназад и се спореди со неколку идеи и планови на оваа Влада. Најавените инвестиции од 8 милијарди евра, пред изборите годинава, исто така, од страна на експертите беа оценети како утопистички и неостварливи и ги споредуваа со милијардата на Тупурковски. Владата на Груевски уште на почетокот на првиот мандат стави до знаење дека многу очекува од развојот на слободната економска зона „Бунарџик“, како што беше идејата на Тупурковски, но и овој проект тешко се реализира. |