Ќе се менуваат таблите на институциите, пасошите...

Промената на државниот грб ќе повлече и измени на таблите на државните институции (кабинетот на претседателот, спикерот, премиерот, министерствата, како и резбата во собраниската сала). Ќе се менуваат и личните документи на граѓаните и регистрациите на возилата, но не веднаш. Според првичните согледувања ова нема да претставува голем трошок. „Министерството за финансии и Службата за општи и заеднички работи во Владата ќе бидат задолжени да направат анализи. Првичните процени се дека не станува збор за некои позначајни суми. Сепак, кога станува збор за обликување на симболи на државност, тоа е прашање од минорно значење“, смета пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Поаѓајќи од досегашното искуство кога се менувале лични документи и регистрации, тој верува дека и овојпат тоа ќе се прави сукцесивно, односно ќе се менуваат по нивното истекување за да не се прави дополнителен трошок за граѓаните. (О.В.)


#