Приведени Велија Рамковски и управители на фирми од „Перо Наков“ бб


Скопје, 24 декември 2010 (МИА) - Сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски и уште десетина управители на фирми со седиште на улица „Перо Наков“ бб или поврзани со нив, синоќа се приведени под сомнение за затајување данок, злоупотреба на службена положба и овластување, перење пари и злосторничко здружување.
Рамковски и дел од другите приведени се пренесени на распит во полициската станица Автокоманда, а неколкумина во полициската станица Карпош.
Според информации од МВР, покрај Рамковски, приведени се и директорката на А1 Анета Кочишки, братот на Велија, Амди Рамковски, Ѓултен Џемаили управител на фирми каде полицијата неодамна пронајде пари и документи, Жаклина Ѓорѓиева исто така управител на една од фирмите, како и Ибраим Ибраими, Невим Рауф, Наташа Крстанова, Зоран Митевски, Жарко Стојановски.
Се очекува во текот на денов тие да бидат изведени пред истражен судија.


#