Дали атентатот врз Глигоров беше „дворски“!?

Имаше повеќе претпоставки за тоа кој пукал врз првиот претседател на Македонија

Веле Митаноски


ОХРИД - Минуваат години и децении од оној 3 октомври 1995 година, со настанот пред хотелот „Бристол“ во Скопје, а не се открија нарачателите и извршителите на атентатот врз Киро Глигоров, првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија.

„Утрински весник“ поводно го начна прашањето, на фонот на тврдењата на поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков за наводни атентати врз Петар Гошев и Владо Поповски. Читателите малку се збунети и во секој случај - заинтригирани зошто повторно се отвора темата за атентатите. Но, истрагата никогаш не може да биде затворена, па и за Киро Глигоров, иако е официјално затворена уште пред 12 години.

За тоа кој пукал врз Глигоров, имаше повеќе претпоставки. Најекспонирана е онаа дека е направено како одмазда за тоа што Глигоров со своето однесување попречувал некакви сомнителни бизниси. Една одеше кон Белград, друга кон Софија и „Мултигруп“ на Илија Павлов, имаше некаква „Братиславска врска“...

Останаа и сомневањата дека атентатот е извршен однатре, односно дека е дворски!? На тоа укажуваа и министри од полицијата и други високи функционери. Наводно, и Глигоров го знаел тоа, но од страв за последици за семејството, наредил случајот да не се истражува. Нешто во таа смисла загатна и неговиот син Владимир, кој живееше во Виена.

Имено, неделникот „Глобус“ пред повеќе од една година излезе со интригантски наслов на првата страница за неразјаснетиот атентат врз Киро Глигоров, пренесувајќи акценти од едно интервју на неговиот син, во кое Владимир Глигоров тврдеше дека татко му сакал да се нагоди со атентаторите! Дали е случајно тоа што Киро Глигоров на последната прослава на СДСМ во Скопје жестоко се нафрлил врз тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, со прашања и барања одговори за атентатот?!

Самиот Глигоров во една пригода ни ја раскажуваше сопствената приказна дека во вилата „Билјана“ во Охрид ненајавено дошол Илија Павлов, првиот човек на бугарски „Мултигруп“ и самиот подоцна убиен во атентат. Павлов, велеше Глигоров, дошол да отфрли секаква можност за негово учество во атентатот врз него.

„Ми кажаа дека долу на влезот во комплексот дошол Илија Павлов и дека чека прием. Ако веќе дошол, ќе го примам, дури и без најава“, ја објаснуваше Глигоров својата реакција.

Познатиот белградски адвокат од македонско потекло, битолчанец по потекло, Тома Фила, во еден разговор што со него го водев, изнесе претпоставка дека атентатот е од домашно производство, дека е дворски атентат!

„За атентатот бев скептичен и тогаш и сега. Не наоѓам никаква корелација во тоа што атентатот беше ден по средбата со Милошевиќ. Знам дека наредниот ден по атентатот, врвни луѓе од безбедносните структури на Србија (Станишиќ и други) беа повикани во Скопје за да помогнат. Со нив имав добри релации“, вели Фила.

Кога се вратиле од Белград, тие му кажале на Фила дека не знаат зошто ги повикале. Според нив, било сосема јасно дека е тоа дворски атентат, извршен од луѓе во самото непосредно опкружување на Глигоров.

„Значи, нивното мислење е дека атентатот е извршен однатре, а не однадвор. Барем во Србија и ден денес е присутно мислењето дека го направил некој од соработниците на Глигоров“, потенцира Тома Фила.

Тој е потомок од познатото интелектуално (адвокатско) семејство од Битола. Живее и работи во Белград. Адвокатско име од респект на Балканот и Европа, покрај другото, и како бранител на поранешниот југословенски претседател (починат во Хаг) Слободан Милошевиќ. Фила беше ангажиран како советник во прилог на Радован Караџик во судскиот процес во Хаг. Десетина српски генерали бранел во Хаг. Извонреден познавач на околностите на Балканот, благороден соговорник. Моментално е ангажиран и како советник на заменик-претседателот на владата, прв човек на полицијата и лидер на социјалистите во Србија, Ивица Дачиќ. Истовремено е и советник во Синодот на СПЦ.

Нема лето, а Тома Фила барем еден месец да не биде во Охрид. Беше сведок на личната и семејна драма на Милошевиќ. Фила сведочи и за врските на кланот Милошевиќ, посебно на неговиот син Марко со Македонци во сомнителни бизниси.

„Мојата адвокатска канцеларија во Белград е сместена покрај гигантите, како што се ‘Цептер‘, ‘Белградски саем‘. Правно ја застапував и ‘Делта‘, фирмата со која се поврзуваат тие бизниси. Е, сега, дали некој нешто зел? Сосема е логично да се сомневате. Најверојатно, некој и' зел нешто. Но, треба да се знае дека СРЈ беше под ембарго и ништо не можеше да се купи по редовна цена. Можностите за екстра профити беа огромни. Јас ќе ви откријам дека тутунот од Македонија беше плаќан со жито. Фактурите се поминати преку една трета земја, да не ја бламираме јавно. Во суштина, стоката само проформа ќе излезеше од Србија, наводно, во друга држава (европска), а само по 5 метри, од ничија земја, се враќаше назад. Во прашање беа пратки што овозможуваа, поединечно, чист ќар од 100 до 200 илјади тогашни германски марки. Значи, во прашање беа стотици милиони марки. Веројатно, сите зеле по нешто“, вели Фила.


#